На популарна плажа на хрватското приморје се шири опасен вирус. Повеќе туристи што се капеле на плажата Борик кај Задар се пожалиле на исти симптоми – повраќање, висока температура и дијареа, пренесуваат хрватските медиуми.
Можно е случајот со капење на песочна плажа да бил таков што вирусот се задржал на песокот, вели д-р Алан Медиќ за Јутарњи.хр
На социјалните мрежи деновиве се појавија информации за необична инфекција меѓу луѓето кои се капеле на плажата Борик. Повеќето пациенти имаат симптоми на цревна вироза како треска, дијареа или повраќање. Едни велат дека на плажата има цревни вируси, а други тврдат дека болестите се појавуваат поради фекалните испуштања во морето, пишува Слободна Далмација.
Од надлежните институции во Задар тврдат дека со години на таа страна немало канализациски канали и дека целиот хотелски комплекс на Борик е поврзан со системите што одат на исток, кон центарот на градот.
Од Институтот за јавно здравје Задар за Јутарњи.хр потврдиле дека неколку пати во последните 15 дена, поради појавата на информации дека некои луѓе имаат симптоми на вироза, го тестирале квалитетот на морето, но и примероци од хотелскиот базен каде што се регистрирани случаи со вирусни симптоми.
– На 21 јуни е направено редовно тестирање на квалитетот на морето. Тогаш резултатите покажаа дека морето кај хотелот „Донат“ е со второ ниво на квалитет, а во заливот каде што е песочната плажа е на прво ниво на квалитет. Други примероци се земени на 26 јуни по барање на управата на блискиот хотел, која повторно побарала тестирање бидејќи имало информации дека неколку лица кои се капеле на тие плажи имале симптоми на вирусот, како треска, дијареа и повраќање. Покрај редовните показатели кои вообичаено ги тестираме во морето, а тоа се ешерихија коли и цревни ентерококи, додадовме и тестирање за Staphylococcus aureus (златен стафилокок), кој може да предизвика повраќање – изјави Бенито Пучар, шеф на службата за здравствена екологија и заштита на животната средина при Од Институтот за јавно здравје Задар.
Шефот на епидемиолошката служба д-р Алан Медиќ вели дека до пред една недела имало поединечни пријави за гастроентероколитис чии симптоми се дијареа и повраќање кај децата, а дел од овие деца пливале на плажата во Борик.
– Епидемиолошката служба изолира два случаи на ротавирус, еден кај возрасен кој престојувал во хотелот и еден кај дете кое не било гостин во хотелот. Појавата на ротавирус кај децата е честа, а повеќето деца, повеќе од 90 отсто од нив, ја преболуваат оваа форма на вирусот во рок од ден-два, па родителите не земаат ни примероци од столицата за анализа. Кога детето ќе добие ротавирус, најважно е детето да не дехидрира – вели д-р Медиќ,
Тој додава и дека ротавирусот е малку незгоден бидејќи има висок епидемиолошки потенцијал, но и дека во литературата досега нема забележано ниеден случај дека ротавирусот се пренесува во море.
– Ротавирусот останува во околината и до неколку дена, можно е случајот со капење на песочна плажа да бил таков што вирусот останал на песок. Во литературата има само случаи кога овој вирус може да се пренесе во водата во базените, но нема евидентирано пренесување на ротавирус во море, бидејќи вирусите во морето се разредуваат поради високата концентрација на сол.
-Сепак, плажата Борик е мала и на неа престојуваат голем број деца, па појавата на вирусот, како и на други места каде што голем број деца престојуваат на едно место, односно во колективи како игротеки и градинки, не е невообичаено. Ротавирусот може да остане на песокот што не го измило морето, децата можат да си разменуваат играчки на плажа, може да се пренесе и преку воздухот, а бидејќи плажата е многу фреквентна, можно е неколку луѓе да ја развијат болест, посочува д-р Медиќ.
Докторите советуваат децата, особено оние кои се со намален имунитет, да не се носат на преполни плажи.