Државната изборна комисија (ДИК) мора да им овозможи на државјаните на Република Македонија да го остварат уставното право на гласање, без разлика на тоа каков личен документ ќе приложат за идентификација – со или без новото уставно име на државата.
Ова го тврди поранешниот собраниски спикер и поранешен член на ДИК, Трајко Вељаноски, кој го цитира членот 22 од Уставот на Република Македонија, кој гласи дека единствените услови за да бидеш избран и да избираш е да си државјанин на Република Македонија и да си полнолетен.
„Сите документи (лични карти, пасоши) служат само за идентификација на личноста, а правото на гласање е утврдено во чл.22 од Уставот на РМ, па затоа сметам дека личните карти и пасошите (наспроти измените на законите) каде рокот за важење е утврден подолгот од денот на гласање, се валидни документи за идентификација на личноста која сака да го оствари правото на гласање. Само како пример, во 1998 година тогашната ДИК донесе правилник и упатство за гласање дека и старите лични карти и пасоши од бивша СФР Југославија каде рокот за важење е утврден подолгот од денот на гласање се важечки документи за идентификација на личноста која сака да го оствари правото на гласање дадено со Уставот“, напиша Вељаноски на Фејсбук.
Инаку, ДИК предлага во Изборниот законик да се воведе преодна одредба со која на граѓаните од земајва и странство ќе им се овозможи на претстојните избори да гласаат со пасоши со старото уставно име чија важност сè уште не е истечена.
Оваа одредба, како што вели првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, би се однесувала само на годинашните избори, а пред сè би се однесувала на граѓаните чии лични карти се неважечки.
– Предлагаме пасошите на кои пишува Република Македонија, ако се важечки, да важат за гласање и тоа да се стави во Изборниот законик како преодна одредба која ќе важи само за овие избори. Од ова мислам дека нема поидеално решение. Веќе го сменивме Законот за лични карти и тие важат, но многу луѓе немаат и лични карти, па ако важат пасошите, ќе имаат еден документ, зашто тоа се реално важечки документи, издавани од нашите надлежни органи – рече Даштевски на ТВ Телма.