Двајца возачи од Струмичко се фатени како вршат јавен превоз на патници без лиценца, поради што сообраќајните дозволи им се одземени и возилата се исклучени од сообраќај, соопшти полицијата.
Како што соопшти полицијата, денеска во 04.00 часот кај наплатна рампа Кадрифаково, Светиниколско, во правец кон Свети Николе, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции запреле и извршиле контрола на патничко возило „мерцедес“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.С. од селото Радово, Струмичко.
Притоа, било констатирано дека со возилото се врши јавен превоз на патници без лиценца издадена од надлежен орган. На истото место во 04.20 часот, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции запреле и извршиле контрола и на патничко возило „мерцедес“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Г.Г. од селото Дабиле, Струмичко.
При контролата, исто така, било констатирано дека со возилото се врши јавен превоз на патници без лиценца издадена од надлежен орган. За настаните бил известен Државниот инспекторат за транспорт, од чија страна на возачите им е изречена глоба, а сообраќајните дозволи им се одземени и возилата се исклучени од сообраќај.