На 07.05.2023 во 21.40 часот во гостиварски Градец, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 29-годишниот Б.Х. од ова село. Тој се сомничи дека околу 20.00 часот во спортска обложувалница во селото со закана со остар предмет одзел пари од вработените и оштетил дел од инвентарот во објектот. Тој бил задржан во Полициската станица Гостивар и по целосно документирање на случајот против него ќе следува поднесок.
На 07.05.2023 околу 16.00 часот, полициски службеници од ЕВР Чаир го лишиле од слобода Ш.Р.(62) од Скопје. Тој се сомничи дека околу 09.20 часот во спортска обложувалница на ул.„Натаниел Кучевишки“ во Скопје физички ја нападнал вработената и одзел пари. Тој бил задржан во полициска станица и од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 07.05.2023 во 23.20 часот, полициски службенци од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.А.(29) од Куманово. Тој се сомничи дека на 13.04.2023 од чанта во такси возило одзел предмети. Со него бил приведен и Т.Б.(42) од Куманово бидејќи кај двајцата биле пронајдени и одземени остри предмети. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.
На 07.05.2023 во Секторот за внатрешни работи Тетово, во присуство на родители, претставници од Центарот за социјални работи и адвокат за малолетници, бил извршен службен разговор со пет малолетници од Тетово. Тие се сомничат дека на 05.05.2023 околу 22.50 часот на улица „Борис Кидрич“ во Тетово физички нападнале четири малолетници од Тетово. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 07.05.2023 во 16.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.Р.(26) од Куманово. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна за сторено кривично дело по член 383 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор К’шање за издржување на казната.
На 08.05.2023 околу 01.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 31-годишниот тетовец Л.Х. затоа што кај него бил пронајден и одземен кокаин и затоа што претходно агресивно се однесувал во домот. Л.Х. бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.
На 08.05.2023 во 00.05 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.М.(20) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 08.05.2023 во 01.10 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје лишиле од слобода малолетник од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 07.05.2023 во 19.00 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници го лишиле од слобода Ј.С.(18) од Швајцарија затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 07.05.2023 во 21.15 часот на подрачјето на Бит Пазар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода И.М.(20) од Скопје затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и грутчеста материја. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
На 07.05.2023 во 13.20 часот во с.Ајватовци, скопско, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.П.(21) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Во текот на вчерашниот ден (07.05.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 396 возачи. Од нив четири возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 182 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 214 надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (07.05.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 102 санкции, 12 мерки за управување возило под дејство на алкохол, 14 мерки за возење без возачка дозвола. Изречени се две санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила, пет мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)….
На 07.05.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, од кои 12 надвор од населено место и 8 во населено место. Санкционирани биле и 16 други видови на прекршоци, од кои 9 за управување возило без возачка дозвола, 3 за возач почетник, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење сигурносен појас, 1 за неносење заштитна кацига и 1 за непрописно паркирање.
На 07.05.2023 во 15.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот Скопје–Тетово, во атар на с.Арнакија, патничко моторно возило „фиат“ со струшки регистарски ознаки, управувано од А.С.(49) од с.Лабуништа, струшко, удрило во А.С.(31) од с.Јурумлери, скопско. Од здобиените повреди на местото починал пешакот А.С., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.
На 07.05.2023 околу 23.10 часот во СВР Куманово било пријавено дека на булеварот „Октомвриска Револуција“ во Куманово, патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Ј.(20) од Куманово, удрило во малолетен пешак. Во несреќата малолетничката се здобила со тешки телесни повреди констатирани во Општа болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на несреќата.
На 07.05.2023 околу 23.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од регионален пат Куманово-Св.Николе со крак од ул„42“ и ул„400“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.И.(34) од Куманово и мотоцикл „сузуки“, управуван од М.С.(18) од Куманово. Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Општа болница Куманово. Екипа од СВР Куманово извршила увид на местото на несреќата.
На 07.05.2023 во 09.58 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Александар Македонски“ во Скопје, Д.С.(45) од Скопје, управувајќи мотоцикл со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 07.05.2023 во 16.30 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Штип-Кадрифаково, патничко моторно возило „нисан“ со штипски регистарски ознаки, управувано од И.А.(67) од Штип, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката В.А.(61) од Штип, а со телесни повреди се здобиле уште двајца сопатници М.Б.(47) и Н.Б.(39), двајцата од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
На 07.05.2023 во 15.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, А.А.(46) од Скопје пријавил дека на ул.„Ѓорче Петров“ бил каснат од куче скитник.
На 07.05.2023 во 13.20 часот во Полициската станица Гази Баба, М.Р.(44) од Скопје пријавила дека на ул.„Лазар Поп Трајков“ била касната од куче скитник.