More

    Муцунски посочи доколку се прифати ќе биде национална катастрофа

    spot_img

    Овие денови ќе останат запаметени како најсрамните денови во современата македонска нација. Ова е влада која последните години ја опустоши државата, држава сме со најнизок раст на БДП, највисок степен на корупција, оваа иста влада го смени името на државата под кампањата наречена „За европска Македонија“ и тогаш мислевме дека го допреа дното, а денес го пробушија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски за „Тема на денот“ во дневникот на Сител, потенцирајќи дека ова е истиот предлог од пред две недели и дека ако се прифати тоа ќе значи национална катастрофа за Македонија и македонскиот идентитет.

    Муцунски истакна дека таа слика која ја видовме денес во владата фигуративно беше слика на гробарите на македонскиот идентитет и ова е срамно што се случува и додаде дека мора да бидеме максимално внимателни по однос на содржината за тоа што се разговара, бидејќи имаме масовна продукција на лажни вести и информации од Илинденска за тоа што содржи овој предлог.

    – Јас сум еден од најголемите поборници за европеизација на Македонија, но по вредностите на Шуман, која поттикнува од процес на консолидирање на минатото, гледајќи кон иднината и економски напредок, а не европеизација која во својата содржина како овој предлог се презентира како врвен успех, а се вклучува одредба од билатерален договор помеѓу две држави каде се бара во рамки на процесот на преговори со ЕУ да се следат годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација на членот 12 од договорот. Тоа значи дека Бугарија утре може да каже дека учебниците се неприфатливи за нив и тоа ќе значи дека нашите учебници каде се дефинира кој е Гоце Делчев, какво е Илинденското востание, веќе стануваат европски проблем. Тоа владата го претставува како колосален успех – рече Муцунски.

    Муцунски посочи и дека амбасадор на земја членка на ЕУ денеска јавно кажа дека се работи за истиот предлог.

    – Сите чинители во Бугарија велат дека се работи за истиот предлог со семантички измени. Сега не стои протокол туку е дефиниран како годишни прегледи и мерки. Првата дезинформација и лага е дека се работи за различен предлог, ова е истиот предлог кој пред две недели беше одбиен – рече тој.

    Муцунски нагласи дека негов став е дека ова е национална катастрофа за нашата држава и за нашиот идентитет.

    – Видов сличен став дури и на Карл Билт кој е еден од најсилните промотори на европска интеграција и дека ова е предлог кој ќе го усложни процесот. Со жалење морам да констатирам, дека доколку ние како држава и нација го прифатиме овој предлог, ние жалам што ќе си го усложниме патот, и можеби никогаш нема да станеме членка на ЕУ – истакна Муцунски.

    Тој посочи дека владата сака во рок од 48 саати да презентира фиктивна консултација, притоа сега гледаме дека или предлогот нема да оди во Собрание или ќе оди како консултација, што значи дека оваа влада не верува дека има 61 пратеник кој ќе го поддржи.

    Муцунски истакна дека затоа е потребно цврсто да застанеме како општество, и апелираше до граѓаните будно и внимателно да следат тоа што се презентира и да не ги слушаат лажните вести кои ги презентира владата, туку реално внатрешно меѓу себе да се погледнеме и да и кажеме на Европа дека ова не го прифаќаме.

    – На Македонија не и треба политички консензус и треба општествен консензус по ова прашање и требаше со време да се консултираат врвни експерти од МАНУ, универзитетите, медиумите, невладин сектор, стопанските комори и да видиме сите заеднички како да изградиме стратегија – рече Муцунски.

    Тој додаде дека доколку владата имаше почит кон ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе прифатеше кога понуди експертска помош, заеднички да се изгради политика во надворешната политика, стратегија во односите во Бугарија за да не дојдеме до оваа ситуација сега.

    – Бугарија постојано ќе се навраќа на вето и заради ваков тип на договор, ние ќе бидеме постојано заглавени во процесот на преговори и нема да разговараме за таа Европа во која што сакаме за веруваме за владеење на право, трговски друштва, туку ќе преговараме дека за прв пат во историјата самата ЕУ ги нарушува своите принципи, вметнува во преговарачка рамка билатерален спор и отвора можност и веројатност за национално понижување на македонскиот народ – рече Муцунски.

    Муцунски истакна дека мораме да реагираме и да го заштитиме нашето национално достоинство.

    – Не може да дозволиме, една држава која во Втора светска војна вршеше воена агресија во Македонија, сега да врши политичка агресија и да го наруши тоа што луѓе давале животи за да имаме наша држава. Да застанеме во интересот на Македонија. Има начини, има пат, но примарно мораме да дадеме едно одлучно НЕ. Ги повикувам граѓаните утре на протест пред владата во 19 часот. Заради нашата иднина и достоинство – рече Муцунски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img