Министрите за одбрана на НАТО членките утре ќе одржат нов вонреден состанок во Брисел, тие ќе разговараат за предизвиците од руската воена операција и опасноста по земјите членки на Алијансата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Едно од прашањата кои редовно се појавуваат во јавноста во последните денови е можноста од напад со хемиско оружје. Русија обвинува дека Украина развива таков вид на оружје, но за НАТО ова се обиди за дезинформација, како и можност Москва да исценира лажен напад од страна на Украина, со што би оправдала нова руска офанзива.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнево предупреди дека ваков чекор би довел до силен одговор од страна на Северноатлантската алијанса.
– Секаква употреба на хемиско оружје значи нарушување на повелбата за забрана на хемиско оружје, потпишана од Русија. Ја повикуваме Русија да не го користи и да ги повлече своите сили, и посебно хемиското оружје – изјави денес Столтенберг.
Тој напомена дека во минатото е документирана употребата на биолошко оружје од страна на Русија на странска територија против политички опозиционери, како и помош за хемиски напади во Сирија во повеќе наврати, ова рече тој е еднакво на воено злосторство, и не ја исклучи можноста од “лажна операција“ од страна на Русија.
Дали во ова сценарио НАТО ќе се инволвира во украинскиот конфликт, Столтенберг не одговори позитивно, но нагласи дека НАТО ќе стори сѐ за да ги заштити и одбрани земјите членки на Алијансата. Украина, се разбира, не е членка на НАТО.
Шефот на Алијансата исто така попладнево порача дека сојузничките мораат да разговараат за зголемување на присуството и подготвеноста да се одговори на секаков напад на истокот на Европа.
– Безбедносната ситуација е поопасна во Европа поради руската инвазија, ги зголемивме нашите сили и нашата подготвеност, и напад врз еден сојузник ќе предизвика одговор од сите сојузници – рече Јенс Столтенберг, предупредувајќи и дека е од голема важност да се спречи инциденти да излезат од контрола, поради што мора да се зголеми мониторингот на копно, море и воздух.
Во овој контекст, генералниот секретар се осврна и на дронот кој падна во Загреб минатата недела.
– Преодните информации велат дека станува збор за невооружан дрон и дека дронот излегол од својот пат, му снемало нафта и падна во Хрватска. Ќе се осигуриме дека сите сојузници разменуваат информации и ќе ги воспоставиме фактите, ова покажува дека е потребно да се засили интеграцијата и споделувањето на информации, да се инвестира повеќе, да се модернизираат радарите и воздушното присуство – меѓу другото рече Столтенберг.
Со оглед на зголемениот ризик за безбедноста на Европа и европските земји членки на НАТО откако Русија нападна на западот на Украина, на неколку километри од Полска, Алијансата не ја исклучува можноста од вонреден лидерски самит на НАТО идната недела.
Столтенберг изјави дека ова е изводливо во брзо време, но не можеше да потврди.
Една од опциите е тој самит да се одржи на крајот на идната недела, кога се одржува и самитот на ЕУ, каде би можел американскиот претседател Џо Бајден да земе учество исто така.