Трагичната смрт на поранешниот белоруски хокеар Константин Колцов, момчето на втората тенисерка на ВТА листата, Арина Сабаленка, денеска ја шокира спортската јавност.
Според првичните информации Колоцов починал од белодробна тромбо-емболија, но потоа белоруските медиуми излегоа со информации дека тој извршил самоубиство скокајќи од балконот на хотелската соба во Мајами каде ја придружувал Сабаленка пред настапот на турнирот. Спасувачката служба реагирала и го пренеле во болница, но не успеале да го спасат.
По завршувањето на играчката кариера, Константин Колоцов (43) продолжи како хокеарски тренер. Тој беше помошник тренер во тимот Салавет Јулајев, а требаше да седне на клупата на Динамо Минск од следната сезона.
Легендарниот хокеар учествуваше на Зимските олимписки игри во 2002 и 2010 година и смени неколку клубови во КХЛ, а играше и за Питсбург пингвинс во НХЛ.
По веста за смртта на Колоцов беше објавена информација дека Сабаленка го откажала настапот, но потоа стигна потврда дека белоруската тенисерка и покрај трагедијата сепак одлучила да настапи на Мастерсот во Мајами.