Молдавија е спремна за „целосен спектар на закани од Русија“, а истовремено ги демантира тврдењата на познатата руска новинска агенција РИА дека наводно Украинците се подготвуваат да извршат напад под „лажно знаме“ за кој потоа би ја обвиниле Москва.
– Нашите институции планираа одговори низ целиот спектар на закани. Секако дека имаме ограничени средства, но во исто време не сме сами во ова – изјави министерот за надворешни работи на Молдавија за Ројтерс.
Молдавската влада издаде соопштение на Телеграм, во кое се вели дека државните власти „не ги потврдуваат“ наводите на руското Министерство за одбрана.
Руската новинска агенција ТАСС пак, го цитираше рускиот заменик-министер за надворешни работи, Михаил Галузин, кој одделно рече дека Западот ѝ дал инструкции на владата на Молдавија во Кишињев да ја прекине секоја интеракција со властите во Придњестровје, поддржани од Москва.
Неодамна на Твитер се појавија фотографии од наводното трупање на украинските воени сили и опрема на границата со Молдавија.
Истовремено, одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го отфрли декретот со кој Москва го признава суверенитетот на Молдавија ги поттикна стравовите дека следната цел на Русија е токму оваа земја, во период кога се навршува цела година од почетокот на војната во Украина.
Регионот Придњестровје во кој главно се зборува руски се отцепи од некогашната советска Молдавија во 1990 година. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, проруските сепаратисти водеа војна со молдавските владини сили.
Руските сили сè уште се присутни во овој спорен регион на Молдавија.
Претседателката Маја Санду, која сака нејзината земја да се приклучи на Европската унија, претходно месецов ја обвини Москва дека планира државен удар за да го собори раководството на Молдавија. Москва ги отфрли обвинувањата.