Мојсова-Чепишевска во Вроцлав: Преку современата македонска книжевност и нашето Скопје се прилконува на плејадата современи книжевни метрополи

Lorita
By Lorita 12 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

На плејадата современи книжевни метрополи, со творештвото посветено на него од македонските писатели и тоа и она што зборува со носталгичен тон, и она што се претвора во бунт, се приклонува и нашето Скопје. Тој книжевен град, истовремено, колку што станува наш, денес, толку станува и туѓ, светски, нечиј и сечиј Град. Така и оној постземјотресен град колку што ни донесе болки и таги, но и верба во човештината и хуманоста, толку ни испрати и љубов и страст преку самиот чин на тоа како Варшава го исцртуваше (го исцрта) Скопје. Стиховите на македонските поети ја дополнуваат книжевната карта на Скопје или кажано со зборовите на Влада Урошевиќ тие се стихови (и зборови) во кои живее двојникот на Скопје, но и вербата во убавото и хуманото.

 Ова меѓу другото го истакна универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, во својот реферат на втората пленарна сесија на меѓународната научна конференција „Вроцлавски македонистички средби: јазик, литература и култура“ во организација на Универзитетот во Вроцлав, во светлината и на јубилејот 30 години македонско-полски дипломатски односи. Во свечената Леополдинска аула, во која пред точно половина век Блаже Конески бил прогласен за почесен доктор нa науки на Вроцлавскиот универзитет, стиховите на македонските поети за Скопје одекнаа преку исчитувањето на Мојсова-Чепишевска на „малата“ антологија во книгата „Варшава го ицртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска, која годинава беше објавена и во превод на македонски јазик.

 – Конески е најзастапениот автор во оваа книга, и тоа не само како поет. Во книгата на Нетман-Мултановска, уште многу рано се воведува името на Блаже Конески, користејќи го неговиот есеј „Во земјотресот“ поместен во книгата „Дневник по многу години“, како исклучително за неа значаен извор, иако самиот Конески не бил во Скопје за време на земјотресот. Но ја истакнува неговата клучна улога во исправната одлука да влијае и да не дозволи да дојде до дислоцирање на Скопскиот универзитет. Секако Конески ѝ помага и да ја направи и онаа убава атмосфера за блискоста помеѓу двата народа, македонскиот и полскиот, кога ја истакнува посетата на Вислава Шимборска на Скопје во ноември 1963 година, истакна меѓу другото во рефератот, Мојсова-Чепишевска.

 Клучно, во својот реферат, универзитетската професорка го отвара прашањето како во својата исклучителна документаристичка проза за градот феникс, Кинга Нетман-Мултановска успева да создаде и исцрта и една книжевнотопографската карта на Скопје.

 – Таа тоа го прави многу внимателно, доста суптилно. Го исцртува преку избраните стихови на 23 автори  од различни генерации, дури и со автори кои творат во Кралството Југославија, како оние стихови на Кочо Рацин и на Коле Неделковски пишувани и објавени на македонски или на Ацо Караманов пишувани на тогашниот српскохрватски, со автори кои го покажуваат поархаичниот слој на веќе стандардиозираниот јазик, како Лазо Каровски, Гого Ивановски, до најмладите, како Биљана Стојановска и Ѓоко Здравески, со вкупно 39 избрани фрагменти од одредени песни на тие дваесет и тројца.

 Анализирајќи ја „малата“ антологија, Мојсова-Чепишевска истакна дека Кинга Нетман-Мултановска има неверојатен усет кога да го вметне „украсот“, како и тоа кој „тип украс“ да избере. И, секако, како да го вметне. Така кога сака да ја покаже подготвеноста на скопјани, кои понекогаш се читаат и како супститут на Македонците, да го одберат самостојно својот пат тогаш ги зема стиховите на Лазо Каровски кој пее: „Патот наш никога да не се распати! / Го избравме сами.“, зашто такви сме какви што сме или „груб сум и суров“ како што пее во една друга своја песна „Без наслов“, па вели: Што да правам / кога ни дедо ми, ни татко ми чуле / за Фројд, Еврипид и Бетовен, но само за Џеладин-бег, Гоце и Гули.“. Зашто јас како скопјанец сум битен, зашто: „Јас сум почеток и јас сум крај. (…) / јас сум сè, / без мене нема ништо.“ – од песната на Гого Ивановски. Зашто едноствано „Не дреме Големата Меморија / и каменот памети …“ – од песната „Големаѕа меморија“ на Ефтим Клетников.

 – Кога ѝ треба да ја долови страшната атмосфера како последица на земјотресот, тогаш му допушта на Цане Андреевски да запее: „Не можеме да го речеме плачот, / не можеме да го речеме крикот, / зашто цврстите зборови истекоа како плач, / зашто нежните зборови истекоа како крик.“  Кога сака да каже дека и во таа иднина, дури и половина век по тој катастрофален земјотрес, сè уште се чувствува стравот, тогаш зема здив со стиховите од песната на Никола Маџиров „Некој тропа на вратата“или со стиховите на Влада Урошевиќ од неговата песна „Знаци“ . Кога сака да (по)каже кои се симболите на Скопје, кое било Скопје, Скопје на сите генерации, на сите жители, тогаш му дозволува на Гого Ивановски да крикне: „(…) О, не уривајте го мостот / дека ќе останеме сами на бреговите“ или на Ацо Шопов со своите стихови од песната „Кон галебот што кружи над мојата глава“ за да ја долови онаа слика кога „Зиме, над главите на минувачите бесшумно кружат галеби.“ За оние симболи за кои пишувал уште Евлија Челебија, за симболите кави што се скопското Кале, Старата Чаршија и мостот на Вардар, посочи меѓу другото Мојсова-Чепишевска.

 Притоа и нагласи дека Нетман-Мултановска, кога сака да ја покаже недоумицата на скопјани дали новиот град ќе има душа како оној пред земјотресот, тогаш ја зема поетската слика на Александар Поповски од неговата песна „Искршен градили дали новото Скопје, она од 2014, може да има душа, тогаш ги споделува со нас стиховите од „Враќање“ на Лидија Димковска каде пее: „човекот кој се враќа во својот роден град / сфаќа дека роден град повеќе и нема, / дека тоа е сега само податок од документ“ (2023: 393) или стиховите од „Град без дрвца“ на Владимир Мартиновски каде пее: „(…) Барајќи гранка, / страчката лета долго / врз град без дрвца.“. Додека кога сака да ја покаже улогата и на скопјанката тогаш ја зема песната „15“ на Биљана Стојановска или кога ја сака скопјанката како дел од зовриениот Балкан, тогаш ги зема стиховите од истоимента песна „Балкан“ на Лилјана Дирјан.

– А кога сака да каже дека книгата „Варшава го исцртува Скопје“ колку што е книга за повторно роденото/изграденото Скопје, толку е и книга со силните биографии на сите што учествуваа во тоа ново родено/изградено Скопје, тогаш ги позајмува стиховите од „Биографија“ на Гане Тодоровски: „ Се родив / Тоа е совршен факт. / Живеам доста / Тоа е веќе непорекливо. (…) / Ќе умрам колку за доказ / Дека навистина сум живеел.“, посочи универзитетската професорка Мојсова-Чепишевска.

- Advertisement -
Ad image

 Според неа, клучно е и што „малата“ антологија која дава свој прилог во т.н. урбофилија се затвора со двајцата доајени на македонскиот модерен поетски израз, Анте Поповски и Богомил Ѓузел.

 – Со стиховите на Поповски, Нетман-Мултановска како да сака да ни каже дека сè уште ја чувствува нашата згрченост, дека и како жители на еден град кој се издигна од пепелта, од урнатините, како жители на главен град на една држава која сè уште е на ветрометини, си ги пееме стиховите на Поповски: „О, еве ја таа проста земја / од грч / и од чекање / Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски / А никој не ја знае“. Како и дека во добар дел од нас како граѓани на Скопје и таа како автор на оваа книга ни го препознава чувство што го има и Ѓузел во песната „Еу-ропа“, а тоа е дека токму таа Европа по која копнееме: „нè гледа киклопски ококорено / ту ладно и рамнодушно ту љубопитно / думајќи се што да прави со нас“.

 Мојсова-Чепишевска и посочи дека стиховите на сите 23 поети од кои фрагменти се застапени во книгата на Нетман-Мулатановска се допираат до сите клучни точки, до сите болни прашања, до сите мигови за паметење, па и до оние за заборав. Сите тие како да пркосат на судирот на двата концепта: Варшава наспрема Хирошима. Нивните стихови се меѓу после долгите партии исполнети со доста податоци, документи, имиња, факти … И сите тие, ззаедно со многубројните фотографии и карти и факсимили, се влеваат во Скопје како идеално место кое успеало да го зближи истокот и западот и архитектонски, но и политички и социолошки и културолошки.

- Advertisement -
Ad image

 Преку книгата „Варшава го исцртува Скопје“ на Нетман-Мултановска, во рефератот, Мојсова-Чепишевска загатна и други, културолошки прашања, вклучително и за архитектонскиот, градежен судир на истокот и западот, преку концептот за новиот град изникнат од урнатините, оној на Кензо Танге и неговиот ангажман во обновата на Хирошима кој му пркоси на Адолф Циборовски и неговиот влог во изградбата на тотално уништената Варшава. И како што вели Нетман-Мултановска „денеска никој веќе не размислува кој го направил Јапонецот прв градежник на градот“, ама неправдата треба да се исправи дека вистинската легенда на модерното Скопје не е Кензо Танге, туку токму Адолф Циборовски.

 Меѓународната научна конференција „Вроцлавски македонистички средби: јазик, литература и култура“, Универзитетот во Вроцлав ја организира во соработка со македонскиот амбасадор во Полска, Илија Палтиров, и полскиот амбасадор во Македонија, Кшиштоф Гжелчик. Конференцијата продолжува и денес, а Мојсова-Чепишевска и ќе претседава со една од сесиите.

 Важно е што од оваа академска година, на Универзитетот во Вроцлав започна и настава по македонски јазик, која ја држи истакнатата млада полска македонистка, д-р Марија Стришевска, при што интересот е голем – околу 60 студенти веќе го учат македонскиот јазик. Мостовите меѓу Скопје и Вроцлав, всушност се градат преку Македонистичката работилница на овој Универзитет која има повеќедециниска традиција, а чии темели ги постави академик Јан Соколовски, кој е меѓу доајените што учествуваат и она оваа научна конференција. Покрај научници од Македонија и Полска, на конференцијата има учесници и од други држави – истакнати странски македонисти. 

Share This Article