И по девет децении од неговото раѓање, мора да се нагласи и да се запомни – магичниот збор на Петре М. Андреевски ја смени свеста за книжевноста кај македонскиот читател, и не само што иницираше цели генерации да се угледуваат на тој модел, туку ја смени и македонската критичка свест. Својата вечна преокупација, Петре М. Андреевски ја ситуира во родниот крај. Но со тоа, тој не стана локален или регионален автор, зашто успеа, преку универзализацијата на локалното, тој свој крај да го постави како центар на светот и како тежиште на космосот. Колкумина ли (не) умеат да го сторат тоа со своето перо?!
Ова го истакнува универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска по повод 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски. Таа важи за најголем познавач и истражувач на неговото творештво во нашата академска заедница.
– „Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“ – напиша Петре М. Андреевски во својата култна „Дениција“. И навистина, и во годината кога се навршуваат девет децении од неговото раѓање, речиси осумнаесет години по неговото физичко заминување, ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно во македонскиот книжевен и културен простор од отсуството на драгиот наш Петре, посочува професорката.
„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер, кај што ќе заврши и нашето талкање. Нашето постојано паѓање.“ – мудруваше Андреевски во „Пиреј“.
– Затоа тој и оперираше со митотворни искуства какви што се древните пагански претстави за животот на небото и земјата, за раѓањето и смртта, за доброто и злото, за долниот и горниот свет, но и со модели во кои овие искуства се обликувани, пренесувани и сочувани – легенди, обичаи, гатанки, клетви, благослови, разни магии… Така, Лотман и Успенски, во неговиот случај би рекле дека неговиот преобликуван митски модел на светот во однос на симболистичкиот текст се однесува како еден метасистем кој има улога на метајазик, исто како што во фолклорот, според Мелетински, митолошкиот начин на мислење се преобразува во уметничка метафора. Искуството на Андреевски ја потврдува оригиналната идеја за создавање на книжевност од книжевност или уште пошироко сфатена како создавање култура од култура што е пишување како континуитет, пишување како одговор, или повторно пишување, како што забележа Лахман, подвлекува Мојсова-Чепишевска
„Облеката е измислена да ти ги покрива недостатоците, а зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа“ – ќе поентира Андреевски во „Тунел“.
– А зборот за него беше сè. Поезија, со која започна да го изодува својот творечки пат, „поточно нејзините зборови многу често ја имаат интонацијата и загадочната преплетеност на зборовите од уроците и баењата, на говорот на вражалките и гатачките“, како што во 1980 година ќе забележи Влада Урошевиќ. А ние, денешните читатели се јавуваме во улога на препрочитувачи на тој говор. Строго логички гледано, од создавањето на првиот уметнички текст, секој следен текст морал да се наоѓа во однос со тој прв. Всушност меморијата на писмото се служи со механизмот на интертекстуалноста, додека на самиот почеток на поетската меморија стои магијата сфатена не само како обредна практика, туку и како систем на мислење и чувствување на светот. Зашто Петре М. Андреевски многу добро знаеше и чувствуваше дека вербата во зборот е заедничка и за магијата и за поезијата. Како што магијата со употребата на зборот, и тоа на оној неразбирливиот, таинствениот или мистериозниот, се обидува да даде свој прилог во пронаоѓањето на праизворите на непресушната енергија на постоењето, така и поезијата со неговата примена, се обидува да укаже на неговата ефикасност и моќ која излегува надвор од просторот на неговата обична и секојдневна употреба, нагласува професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Таа и се навраќа на дел од своите средби со Андреевски, особено во контекст и на нејзината култуна научна книга „Лицето на зборовите“.
– Верувањето во силата на зборот е старо колку и човечко то искуство и култура. „Можеби и тоа е некое праискуство“, како што посочи Душко Наневски, „или прасознание за звуковниот клуч и мислената сила на зборот, со кои се покренуваат скриени енергии“. „Јас“, вели Петре М. Андреевски, „многупати сум се прикрадувал до некој добар народен раскажувач за да научам нешто од неговото вдахновено редење на зборовите: како ги одбира и како им го одредува вистинското место во својот сликовит и сложен состав. И со колкаво мајсторство ги оживува и подгорените корени на некои заборавени зборови наоѓајќи им ново место и значење. Настрпливо сум заслушувал со каков потег ќе го ефектуира неочекуваниот пресврт со кој треба да нè изненади. И особено како го контролира времето на неговите дигресии. Ете, тие златоусни раскажувачи ми беа првите учители од кои научив како треба да се каже и она што не е за кажување. Така ја открив прасликата на зборовите и дека токму зборовите се нашите први споменици и нашите клучни сведоци за првата осознаена вистина за нас.“ А ние пак, таа моќ на зборот ја откриваме и преку неговото творештво, посочува Мојсова-Чепишевска.