Реставрацијата на „Партенон на Македонија“ по 16 години работа, палата на Филип Втори во Грција го улови вниманието на јавноста во Грција и во Македонија. Според грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се работи за настан од светско значење. Во палатата на Филип воедно бил крунисан и неговиот син, големиот војсководец Александар Македонски.
– Морам да ви кажам дека бев длабоко импресиониран од она што го видов пред малку, бидејќи оваа палата е навистина многу посебно архитектонско дело. Уметничко дело, на два ката, со многу мозаици и фрески кои го отсликуваат гламурот и моќта на Филип – изјави Мицотакис на отворањето на локалитетот.
Тој вели дека Филип и Александар биле реформатори на тогашното општество:
– Филип и Александар, на свој начин биле одлични реформатори. Првиот, суштински еволуирајќи архаично општество во општество со поурбани карактеристики, со заеднички, унифицирани институции. А вториот, создавајќи градови, интегрирајќи големи и разновидни популации во империја со невиден обем.
Објектот се простира на 15.000 квадратни метри. Грција работела на реставрацијата од 2007 година. Според министерката за култура Лина Мендони, реставрацијата била поддржана со буџет од 20 милиони евра, вклучително и со европско финансирање.
Самото ископување на палатата започнало во 1865 година и продолжило „спорадично“ во текот на 20 век, велат археолозите. Објектот бил видно уништен од Римјаните во 148 п.н.е., кои подоцна владееле со Македонија.
Во ноември Мицотакис не успеа да оствари средба со својот британски колега Риши Сунак и да позборува за можното враќање на скулптурите и мермерите од грчкиот Партенон во Атина, парчиња кои во 19 век биле присвоени и однесени во Лондон.
Во меѓувреме, со Преспанскиот договор, Македонија и Грција ги уредија меѓусебните односи во врска со античкиот период од историјата. Обврските од овој договор уште не се исполнети од грчка страна, а остануваат обврски и од македонска страна.
фотоколаж, извор: јутјуб