За да ги разбереме македонско-бугарските односи, состојбата со правата на македонската заедница во Пиринска Македонија и кои се вистинските руски интереси на Балканот, мора да се вратиме назад во историјата, на Санстефанскиот договор, па Бледскиот договор, неговото напуштање од Бугарија. Не можете во политиката да ги гледате работите парцијално, мора да имате поширок опфат во нештата – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“.
Тој се осврнува и на генезата на потпишаниот договор за добрососедство и соработка, на уставните промени и на идниот евроинтегративен процес на Македонија.
„Од ВМРО-ДПМНЕ се бара да поддржи процес од кој не бил дел, бидејќи да сме биле дел ќе сме се бореле. Ако не сме биле во можност да се избориме, ќе сме кажеле – ние ова не го поддржуваме и тогаш ќе се знаело. Па тие ќе тргнеле во процес или нема да тргнат и ќе бараа нов предлог. Но, одлучија да нè исфрлат од процесот и сега ни викаат: ова е на маса.
Што се бара од нас? Да го промениме Уставот и да го ставиме дел од бугарскиот народ како конститутивен елемент. Прашањето е зошто? За некој да се чувствува покомотен, како уставна категорија, значи дека неговите права како неуставна категорија се начнати, дека предмет е на асимилација, негација.
Ајде сега да ги видиме фактите. Имаме македонска заедница во Бугарија којашто на своја страна има 14 пресуди од Судот на човекови права во Стразбур, каде јасно и недвосмислено се кажува што треба Бугарија да преземе. Од друга страна, имаме бугарска заедница во Македонија со нула пресуди. Сега чии права се начнати? Тоа се правата на македонската заедница во Бугарија за културно организирање. Имате европска институција која носи обврзувачка одлука за земја членка на ЕУ која не сака да ја имплементира.
Кога разговараме со претставници на меѓународната заедница им велиме во ред, немаме против Бугарите и Бугарија, но да видиме добра волја од другата страна. Како ние вам да ви веруваме дека за година две нема да видиме ново вето кога вие не сте во можност да ја убедите Бугарија тоа што задолжително треба да го примени да го примени.
За да ја разбиеме тезата дека ова не е ново право за македонската заедница, туку е стекнато право, и да ја разбиеме тезата кои се вистинските руски интереси на Балканот, се враќаме назад низ историјата, па почнуваме со Санстефанскиот договор, па Бледскиот договор, едностраното напуштање на Бугарија на Бледскиот договор по налог на Сталин, и даваме еден осврт на правата на македонската заедница во тоа време во Пиринска Македонија. Не можете во политиката да ги гледате работите парцијално, мора да имате поширок опфат во нештата.
Македонскиот народ повеќе од 3 децении се покажаа како големи космополити и не се анахрони луѓе. Кога би се станувало член на ЕУ по измени на Устав, досега шампиони ќе бевме, одамна ќе бевме член на ЕУ. Тоа што ЕУ не е фер кон нас, па за првпат вклучува билатерални договори, и тоа е така. Ние сме малоброен народ, мала држава и не може да се спротивставиме на гигантот ЕУ ако така одлучиле и нам тоа ни е јасно, ние водиме реална политика.
Но, бараме нешто со кое достоинството и гордоста на Македонецот колку-толку ќе бидат барем малку задоволени. Не бараме ништо ново, немаме империјалистички барања, туку барања кои само ќе биде потврда на нешто што сме го имале. Од друга страна, да имаме предвидлив процес, во кој нема да се соочиме повторно со други дополнителни блокади.
Денес ако направиме пресек можни се 2 работи. Едната работа е одложено дејство на аплицирање на уставни измени. А второто е да имаме промена на методологијата.
Видовме во минатото, пред 2-3 години, кога не блокираше Франција, не нас туку генерално пристапниот процес, кога бараше измена на преговарачката методологија. Значи видовме дека е возможно кога сакаат земјите да имаа промена на методологија.
И сега се погласни се гласините од Брисел дека оваа работна група меѓу Франција и Германија работи на промена на таа методологија, за да нема користење на вето до моментот на ратификација на пристапниот протокол. Тоа му дава една предвидливост на процесот на преговори“, вели Мицкоски во интервјуто за неделникот „Фокус“.