„Две работи се сигурни. Првата е дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, а втората е дека нема да има зголемување на платите на функционерите“.
Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција, уште еднаш потврдувајќи дека е сигурно оти платите на функционерите нема да се зголемат во рамки на усогласувањето со минималната плата на почетокот на идната година.
– Едно е сигурно. Покрај онаа работа дека еден ден сите ќе заминеме од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите – кажа премиерот пред почетокот на Првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје насловена: „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.
Инаку, предвидено беше платите на функционерите повторно да се зголемат во јануари 2025 година, согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување. Се очекуваше зголемување од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и за спикерот, до околу 130 евра за најниските.
Избраните и именувани функционери од април минатата година земаат плати повисоки за 78%, што предизвика незадоволство и протести кај разни групи работници и кај пензионерите.