„Не успеавте да го спречите министерот за култура, кој е опседнат со злоба со омраза и ѓаволски бес. Ова значи дека тој дејствува со ваша дозвола. Тешко вам, плашете се“.
Вака митрополитот Павел од манастирот Киевска Печерска Лавра му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски за потегот да ги исфрли свештениците од манастирот стар 970 години, под обвинение дека работат за руските интереси, односно под јурисдикција на Московската патријаршија.
– Денес мислите дека откако ќе ја преземете власта на наш грб, (врз основа) на нашите желби, можете да се однесувате со нас така. Нашиот Господ нема да ја прости оваа постапка, ниту вам, ниту на вашето семејство – предупреди тој.
Околу 220 монаси од манастирот ќе бидат избркани на улица, а рокот за иселување е неделава.
– Ви велам, господине претседателе, и на целата ваша глутница, дека нашите солзи нема да паднат на земја, туку на вашата глава – рече Павел во видео обраќањето во средата.
Митрополитот и епископ Павел ги предводи УПЦ и манастирот. Тој го критикуваше Зеленски затоа што одбил да се сретне со високи свештеници да разговараат за ситуацијата. Ова беше особено лицемерно, забележа тој, имајќи предвид дека, кога бил претседателски кандидат, Зеленски побарал и добил благослов да се кандидира за функција од митрополитот Онуфри, водачот на црквата.
Украинскиот министер за култура, Александар Ткаченко, изјави дека монасите би можеле да останат во Лаврата доколку се согласат од УПЦ, која била под Москва, да пребегнат во ПЦУ, новопризнатата Православна црква на Украина.
УПЦ доби признание како легитимна автокефална црква во 2019 година од Цариградската патријаршија, предизвикувајќи голем раскол меѓу православните верници во светот.
Митрополитот Павел го обвини Константинополскиот патријарх Вартоломеј дека со овој потег дал поттик на задушувањето.
– Тешко и срам да ти е, таканаречениот патријарх (Вартоломеј), бидејќи сè што е направено денес е направено со твојот несреќен и злобен благослов – рече тој.
За одлуката за исфрлање на свештенците Зеленски претходно рече дека „Украина ја јакне својата духовна независност“.