Дуото Ковачевски во ек на енергетска криза ги пљачка граѓаните и продава евтина струја произведена во Македонија на трговци кои потоа ја препродаваат за големи заработки на фирми блиски до власта, обвини денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Таа се повика на продажба на струја од страна на ЕСМ во период од 13 до 19 август и од 20 до 26 август кога се продадени 3.500 MWh електричен енерген по цена од околу 300 евра, а во исто време цената на струјата на берза достига и над 600 евра за МWh.
– Во периодот од 13.08 до 19.08 1.750MWh се продадени по цена од 277 евра за МWh. Во исто време, цената на берза достига до 467 евра по MWh. Разликата односно заработка која некој трговец си ја ставил во џеб е 260.260 евра – рече Митева.
Таа изрази сомневање дека фирмата што ги купила овие киловати струја ДАНСКЕ КОМОДИТИС ДООЕЛ е на Виктор Деловпоранешен директор на агенцијата за странски директни инвестиции во период од 2004-2006 година
-На социјалната мрежа LinkedIN каде како работно место му е наведено дека е регионален менаџер за односи во истоимената фирма. Тука се поставува прашањето дали станува збор за Виктор Делов, поранешен директор на агенцијата за странски директни инвестиции во период од 2004-2006 година кога на власт биле СДСМ? – праша Митева.
Втората продажба според податоците на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ е направена ва периодот од 20 до 26 август кога се продадени 1.750 MWh за цена од 303 евра. Во тоа време цената на берза достигнува и до 612 евра. Разликата која што овој пат некој си ја ставил во џеб е 353.937 евра.
– Во овој случај, преку резултатите од продажба на ЕСМ може да се види дека како купувач на струјата во овој период се јавува фирмата ЕТМТ ЕНЕРГИ која е во сопственост на Енер Трејд од Албанија која му припаѓа пак на Артур Мицкај, директор на форумот на млади на социјалистичката партија на Еди Рама и син на тамошен судија. Во еден серијал може да се утврди дека истата фирма во месец декември во 2021 година и продала струја на ЕСМ за 3,9 милиони евра и тоа по цена од 325 евра за MWh. Сега процесот е обратнопропорционален, оваа фирма купува од ЕСМ струја по поевтина цена, отколку што претходно самата и продала – рече Митева.
Пресметката е дека овие трговци заработиле над 610.000 евра на сметка на државната ЕСМ.
– Сето ова се случува кога домашните фирми плаќаат цена на струја и до 800 евра за MWh и бараат начин како да опстанат, а да не ги затворат своите капацитети. Во исто време домаќинствата плаќаат до 50% повисоки сметки за струја, во споредба со лани.Луѓето се на работ на сиромаштија, а фирмите пред затворање и сето тоа заради високите цени на струјата, а власта наместо да помогне, овозможува профит на поединци блиски до неа.Дуото Ковачевски практично овозможува огромен профит на двајца трговци наместо истата таа струја да ја продаде по истите тие цени на домашните претпријатија, со што ќе спаси илјадници работни места и илјадници фирми од затворање – рече Митева.
Таа апелираше најбрзо што може не се применат мерките кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и да се зголеми домашното производство на струја.