Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана изјави денеска дека нуклеарната закана на рускиот претседател Владимир Путин претставува „психолошко заплашување“.
– Тоа е психолошко заплашување. Не станува збор за вистински намери – рече Џоана во интервју за „Ел Паис“, коментирајќи ја изјавата на Путин дека, доколку Западот распореди свои војници во Украина, „постои закана од конфликт со употреба на нуклеарно оружје и опасност од уништување на цивилизацијата“.
Во говорот рускиот претседател му се обрати на Западот, велејќи дека „тие мора да разберат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивна територија. Сето ова навистина се заканува со конфликт со употреба на нуклеарно оружје и уништување на цивилизацијата“.
Џоана додаде дека НАТО во моментов не гледа никаква непосредна закана од тоа дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје.
– Меѓутоа, таквите изјави сами по себе се многу опасни бидејќи ја нарушуваат довербата. Русија ги разбира последиците од преземањето на таков чекор – изјави заменик – генералниот секретар на НАТО.
Тој рече дека Алијансата ќе продолжи да ја поддржува Украина, но и да избегнува ескалација со Русија.
Коментирајќи ги предлозите за испраќање западни војници на територијата на Украина, Џоана истакна дека НАТО го почитува правото на сојузниците да презентираат нови идеи, но посочи дека Алијансата „нема намера, ниту планира да распореди војници во Украина“.
Изјавите за можен нуклерен конфликт денеска ги коментираше и официјален Пекинг.
– Во нуклеарна војна нема да има победник, затоа Кина ги повикува сите земји да ја задржат својата присебност. Во јануари 2022 година, лидерите на пет држави со нуклеарно оружје објавија заедничка изјава во која наведоа дека нуклеарната војна не може да се добие и дека не може да се почне – изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг на брифинг со новинарите.
Според неа, во сегашната ситуација сите земји мора да работат заедно за да ја ублажат ситуацијата и да ги намалат стратешките ризици.
– Ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност и да изградат избалансирана, ефективна и одржлива европска безбедносна архитектура преку дијалог и консултации – заклучи портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи.
Францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну вчера го повика Путин „да не биде неодговорен“.
– Внимателно слушав што кажа претседателот на Руската Федерација утринава. Кога претставувате нуклеарна сила, немате право да бидете неодговорни и да предизвикувате ескалација. Рускиот претседател зборуваше и за заканите кои доаѓаат од Запад. Нема закани за Руската Федерација. Тоа е говор кој се состои од глумење жртва и напад, а сите добро знаат дека Русија е агресор во Украина – им рече Лекорну на новинарите.
Неименувани американски извори тврдат дека Русија развива вселенско антисателитско нуклеарно оружје, и покрај тоа што Путин ги отфрла ваквите тврдења.
Денеска пред Советот за безбедност на Руската Федерација Путин уште рече дека Москва не планира да распоредува нуклеарно оружје во вселената и дека неутрализирањето на заканите во вселенското пространство треба веднаш да биде во центарот на нивното внимание, јавија руските медиуми.