Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини низ државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализација, водоснабдување и управување со водните ресурси.
Со овие проекти се поставуваат темелите за долгорочен и одржлив развој на локалните заедници, со фокус на унапредување на квалитетот на живот, здравјето и заштитата на животната средина.
– Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка, директно партнерство меѓу Владата и општините со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки. Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес, е еден ден повеќе во служба на граѓаните – рече Изет Меџити, министер за животна средина и просторно планирање.
Тој ја потенцираше важноста на навремената и квалитетна реализација, повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
Според Меџити, станува збор за квалитетни проекти кои што придонесуваат директно за подобар животен стандард на граѓаните, како и за подобра животна средина. Проектите во главно се за водоснабдување, атмосферска канализација и други квалитетни проекти кои што придонесуваат за да се подигне стандардот на живеење на сите граѓаните во Република Македонија.
Тој нагласи дека овие пари немаат врска со унгарскиот кредит, ниту пак со некои други фондови, туку се средства од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планиарње.
На новинарско прашање поврзано со проблемите со водоснабдување, како и со загадениот воздух кој скопјани го дишат деновиве, Меџити посочи дека тоа е надлежност на Град Скопје, но, како што рече, Владата ќе помогне доколку има потреба.
– Мислам дека за тоа треба да одговорат градоначалничката на Град Скопје и директорот на Јавното претпријатие Водовод и канализација. Ако има потреба ќе помогнеме како Влада, но надлежност е на Град Скопје. Десет милиони денари се издвоени за дивата депонија во Никуштак и во Кочани, плус со ребалансот на буџетот поминаа уште 30 милиони денари. Ова се средства за чистење на диви депонии и покрај тоа што се чиста надлежност на општините. Во овој дел ќе излеземе во пресрет и на терен и колку што можеме ќе помогнеме, бидејќи најбитни ни се граѓаните и нивната безбедност. Во однос на воздухот, вчера се потпиша Меморандумот со турската компанија за гасификација на целата држава, проект којшто ќе биде некаде околу милијарда евра, што директно ќе влијае да имаме 50-70 отсто почист воздух – рече Меџити.