„Остануваме на ставот дека предложените измени не се во согласнот со Уставот и се во спротивност со Европската конвенција за човекови права како и со принципот на владеење на правото и правната држава“, одговориле од Министерството за правда на прашање на МКД.
На 26 јануари Владата соопшти дека на седницата на 16 јануари едногласно изрази политичка волја до Собранието на Македонија да поднесе предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, кој ќе биде усогласен со македонското законодавство.
Ден пред тоа, Плусинфо објави дека премиериот во заминување Димитар Ковачевски го потпишал и го проследил до Собранието контроверзниот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, без претходно да добие мислење од Министерството за правда.
„Ваквата одлука Ковачевски ја донесе на последниот ден од својот мандат како премиер, и покрај огромните резерви кон овој закон кои постојат во стручната фела, како и оценките на идниот премиер на техничката влада Талат Џафери, кој смета дека ваков предлог не може да биде дел од македонскиот правен поредок затоа што се коси со Уставот и законите“, напиша Плусинфо.
Ставот на Талат Џафери, сега и официјално технички премиер, го објавија повеќе медиуми.
Плусинфо уште на 17 јануари ги анализираше предложените измени на законот и во целост го објави негативното мислење на Министерството за правда.
Министерството за правда смета дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Македонија. Респорот смета дека оваа проблематиката може да се реши со примена на постоечкиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.
Повеќе врвни правни експерти се на мислење дека нема потреба од донесување на измените и дополнувањата на Закон0т за рестриктивни мерки и дека постоечките законски решенија во правниот систем овозможуваат ефикасна и доследна борба против криминалот и корупцијата. Проблемот на недостиг на политичка волја за тоа не се решава со штанцање нови закони.
ПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ЗА РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ КРШИ ДУРИ 11 ОДРЕДБИ ОД УСТАВОТ!
Гордан Калајџиев, професор на Працвниот факултет во Скопје, на Фејсбук пишува дека предложениот Закон за рестриктивни мерки крши дури 11 одредби од македонскиот Устав. Станува збор за членовите 8, 13, 14, 23, 30, 50, 52, 54, 98, 106 и 107.