Новите два закона – Закон за средно образование и Закон за стручно образование и обука ќе го унапредат квалитетот на воспитно-образовниот систем во државата, а се изготвени преку инклузивен процес во кој учествуваа сите засегнати чинители – претставници на здруженијата на наставниците и на стручните соработници, бизнис заедницата, ученичките организации и здруженија, но и политичките субјекти во државата – изјави денеска на прес конференција министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Тој кој рече дека новите закони обезбедуваат повеќе права и можности за учениците, за наставниците, за стручните соработници и воопшто за граѓаните.
– Новиот Закон за средно образование ќе овозможи постигнување на националните стандарди за учениците во средното образование, кои ќе бидат изработени, по примерот на стандардите во основното образование како една од суштинските компоненти на реформирањето на базата на националниот образовен систем. Ќе овозможи и развој на клучните компетенции и вештини неопходни за понатамошното образование и успешно вработување на младите, а ќе ги насочи и кон доживотно учење – рече Шаќири.
Тој нагласи дека законската рамка става фокус особено на дигиталните вештини, на вештините за истражување, експериментирање, решавање на проблеми и критичко размислување. Ја стимулира грижата за сопственото здравје, за заштита на животната средина, подигнување на свесноста за климатските промени и други предизвици.
– За прв пат ќе се воведе кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Особено важно е што се овозможува ученичко организирање и учество во носење одлуки кои ги засегаат учениците, а кое досега недостасуваше“, додаде министерот.
По однос на новиот Закон за стручно образование и обука, Шаќири рече дека со истиот се регулира концептот на дуално образование, што е позитивна пракса од развиените европски земји, а ефектот е веќе видлив и во државава.
– Законот го зголемува обемот на практичното образование во средните стручни училишта, а тоа значи фокус повеќе кон стекнување на практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компанија, за сметка на намалување на теоретската настава во училниците. Така целиот образовен процес за учениците од стручните училишта станува поинтересен и поквалитетен, а тоа ќе значи привлекување на уште поголем број млади во иднина да го одбираат овој тип на образование, со краен ефект – намалување на дефицитот од квалитетен стручен кадар на пазарот на трудот – додаде министерот.
Трендот на зголемување на бројот на учениците во стручно образование, особено во дуалните паралелки е одличен во изминатиот период. Шаќири нагласи дека ако пред 4 години се запишаа 98 ученици во 11 дуални паралелки, денес има речиси 7.000 ученици во 592 паралелки.
Законите се проследени до Собранието, а министерот за образование не очекува политизација на процесот, бидејќи како што информираше, политичките партии биле повикани, запознаени и вклучени во креирањето на содржината на законските решенија.