Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на сојузната министерка на Германија, Аналена Баербок, на маргините на Минхенската безбедносна конференција присуствуваше на настан посветен на земјите од Западен Балкан.
Како што информира МНР, соговорниците констатирале дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграцијата на регионот во Европската Унија претставува взаемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект.
Османи во своето излагање се осврнал на новосоздадената политичка клима меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија, што, како што рекол, укажува на сериозниот пристап и нивото на посветеност кај двете земји за постигнување напредок во билатералната соработка. Исто така, зборувал и за актуелните предизвици во процесите на пристапување кон ЕУ, за регионалните и за глобалните безбедносни предизвици.
-Европските и евроатлантските перспективи на земјите од Западниот Балкан и нивниот внатрешен политички поредок и стабилност од една страна и надминувањето на билатералните спорови и регионалната соработка од друга се тесно поврзани и меѓусебно зависни процеси. Овие два процеси се надополнуваат еден со друг и меѓусебно се зајакнуваат. Напредокот на патот кон интеграцијата дава силен импулс кон толку потребните внатрешни реформи и силен поттик за надминување на билатералните спорови, но не помалку значи и отворени можности за засилување на регионалната соработка, истакнал Османи.
Во рамките на Минхенската безбедносна конференција, Османи утре ќе се сретне со шпанскиот колега, Хозе Мануел Албарес, а ќе има средба и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, како дел од делегацијата, предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Исто така, ќе има излагање на настанот „Празнината во срцето на Европа? Враќање кон Западен Балкан“.