Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 8 ноември ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе учествува на Конференција во организација на „Пријатели на Европа“, на која ќе стане збор за состојбите во Европската Унија и за политиките за надминување на актуелните и идните предизвици.
Проширувањето на ЕУ е тема на панел-дискусијата во која министерката Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што ѝ претстојат на земјата на патот за полноправно членство во ЕУ, а кои се содржани во неодамна усвоената Реформска агенда, при што ќе ја нагласи цврстата определба на Владата за нејзино спроведување.
Конференцијата е дел од активностите на организацијата „Пријатели на Европа“, преку кои се поттикнува дебата помеѓу засегнатите страни – креаторите на политики, бизнис-заедницата, граѓанското општество, а со цел креирање политики и процеси кои ќе создадат поинклузивна, одржлива и напредна Европа.
Во Брисел, министерката за финансии ќе оствари средби и со високи претставници од Директоратот на ЕК за соседска политика и проширување, а ќе се состане и со претставници од Европската народна парија ( ЕПП).