Техномилијардерот Илон Маск, еден од најбогатите луѓе на планетата би можел да добие улога во администрацијата на Доналд Трамп доколку Трамп победи на денешните претседателски избори во САД. Дали е ова главната причина што познатиот претприемач нагло сврте десно и го поддржа Трамп?
Денеска Американците бираат меѓу Доналд Трамп и Камала Харис и одлучуваат за идниот состав на двата дома на Конгресот: Претставничкиот дом и Сенатот.
Трамп веќе најави дека, доколку биде избран, ќе го стави Маск на чело на работната група која ќе има задача да спроведе „комплетна финансиска и ревизија на успешност на целата сојузна влада“ и понуди „препораки за драстични реформи“. Toj вети и висока позиција за внукот на Кенеди, Роберт Ф.Кенеди Џуниор.
Си-Ен-Ен напиша дека Маск ќе добие многу пошироки ингеренции од Кенеди и ќе биде одговорен за масовно кратење на кадрите на федералната влада.
Тоа е уште „полеплива“ ситуација бидејќи многу компании на Маск, вклучувајќи ги СпејсИкс и Тесла, имаат профит мотивиран интерес во бизнисот со владата. Американската влада моментално се потпира на СпејсИкс.
Дури, се вели во текстот, фамилијата на Трамп е заинтересирана да влезе во бизнисот со криптовалути, а Маск ја поседува ДОГЕ, компанија за криптовалути.
И самиот Маск се понуди да ѝ служи на Америка како нов шеф на Одделот за владина ефикасност.
Сепак, надежите на Маск се поголеми од позиција во идната американска влада. Тој на својата социјална мрежа Икс ги повика Американците да гласаат за Трамп ако сакаат човештвото да стане вселенска нација.
Во претходен твит Маск напиша:
„Вашингтон стана бескрајно море од сопирачки што го запираат напредокот. Ајде да ги смениме тие педали од сопирачки на гас за да можеме да направиме големи работи во Америка и да станеме вселенска цивилизација!“
Западните медиуми анализираат како неконвеционалниот милијардер кој беше херој на атеистите сега станува посветен христијанин и, за многумина, негативец од стриповите. Маск во 2020 година ја поддржа кандидатурата на Џо Бајден од Демократската партија.
Истата година кога го купи Твитер и го врати суспендираниот профил на Доналд Трамп, Маск рече дека е „време Трамп да ја закачи својата каубојска капа и да замине кон зајдисонцето“.
Сега Маск твита по десетпати дневно тролајќи ги критичарите на Трамп. Нарекувајќи се „апсолутист на слободниот говор“ Маск неодамна напиша дека ако Американците не гласаат за Трамп ова се последните избори што ќе ги имаат.
Милијардерот тврди дека е збунет од реакциите за неговата поддршка за Трамп и американската десница.
„Иако многу луѓе мислат дека тоа се десничарски вредности, ова се основните вредности што ја направија Америка она што е денес“, напиша тој алудирајќи на слободата на говорот, почитувањето на Уставот на САД и правото на земјите да ги контролираат своите граници.
Едно е сигурно. Илон Маск не е од оние милијардери кои се задоволуваат со пиење коктели на нивните мега-јахти, туку е дел од новата генерација на техногиганти како Питер Тил или Бил Екман. Но, неговите другари со своите пари не ги поддржуваат каузите на Републиканската партија.