Во моментот кога ќе има релаксирање на епидемиолошката состојба, кога нема да имаме толку високи бројки ќе може да разговараме и за поинакви мерки кои ќе бидат аплицирани, меѓутоа сега во моментов не може да стане збор за укинување на сертификатите за прележан ковид-19, истакна денеска портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.
Посочи дека сертификатите не се во насока на тоа да се спречи трансмисијата, туку да се спречи пренесувањето на вирусот на тие коио немаат имунитет.
– Денеска сертификат искрено не можете да добиете доколку немате прележано болест, односно според тоа што го препорачавме од минатиот пат. Сега сертификатот ќе важи 180 дена, шест месеци, вакцините имаат неограничена важност. Тие кои не можат да докажат дека ја прележале болеста и на тој начин стекнале имунитет или се вакцинирале и на тој начин стекнале имунитет практично ќе бидат заштитени од тоа да не може да влегуваат во простории кои се од висок ризик за заразување со вирусот. И тоа е интенцијата во моментов на сертификатите, да не ги оставиме да бидат на таа страна тие кои немаат имунитет – додаде Мехмедовиќ, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Во однос на скринингот во училиштата денеска Комисијата за заразни болести (КЗБ) даде препораки и насоки да се заложат одредени здравствени институции согласно методологијата која беше утврдена на денешниот состанок да се отпочне со скринингот и да се заврши во најбрзо можно време, истакна денеска портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.
Целта, како што дополни, е да можеме да добиеме релевантни податоци за тоа каква е трансмисијата на вирусот во училиштата, особено поради информацијата која се однесува на лесно зголемување на бројките во возрасната група меѓу 6 и 14 години.
Методологијата, посочи тој, е утврдена, бројката која се однесува за деца кои би биле тестирани не би требало да биде поголема од 2000.
– Се смета дека периодот за кој би требало да бидат завршени сите процедури во тој скрининг не би требало да биде подолг од една недела – додаде Мехмедовиќ.