More

    Меѓународна изожба на македонски и канадски графичари утревечер во КИЦ Битола

    spot_img

    Духовните мостови на пријателство и соработка кои ги гради уметноста се оние најцврстите и најграндиозните. Овој пат, таков убав и нераскинлив мост претставува изложбата „Македонски и канадски графичари 7х7“ која започна како соработка на двајцата куратори Дерек Мајкл Бесант и Владо Ѓорески, па се прошири на седум македонски плус седум канадски графичари, но тука не се застана. Се вклучија уште по еден македонски и канадски гостин и бројниот креативен тим на Културен и информативен центар Битола вклучувајќи ме и мене како директор, носител на проект, домаќин на македонската изложба и промотор на изложбата во Канада. Токму затоа математичката операција на собирање која ја применивме на почетокот се покажа како недоволна за овој проект и затоа ја воведовме операцијата множење. Така, наместо 7+7 уметници, добивме 7х7 учесници како симбол на нашето поврзување бидејќи бројот на уметници кои ќе ги допре овој заеднички проект е многу поголем од 14, 20 или 49. Тука се додаваат и умножуваат и професорите и студентите на катедрите за графика од Факултетите за ликовна уметност од Скопје, Халифакс, Монтреал, Троа Ривиер, Алберта, Едмонтон и Келона, а да не ги заборавиме и организаторите и учесниците на Mеѓународното графичко триенале во Битола и Mеѓународно биенале за современa графика во Троа Ривиер.

    Не би можела, а да не го спомнам и значењето на Културен и информативен центар КИЦ Битола со нашиот препознатлив „Офицерски“, како цврст и добро проектиран континуитет и како институција која остава печат врз мапата и агендата на истакнати и признати ликовни, галериски и културни центри во светот. Оваа изложба е нашиот влог не само во институционални рамки туку најмногу како целосен и неизбришлив тестамент за иднината во која светлината на човечкото создавање единствено ќе се доближи до sвездената вечност во која и низ која единствено може да опстане нашата средина, подалеку од сите деструкции, апсурди, назадувања и безидејни себеуништувања.

    Како директор на овој наш светилник на творечкиот опстанок, заедно со професионалниот тим на КИЦ – офицерски, целосно се посветуваме, најискрено и најоддадено, во убеденоста за опстојувањето, за човечкото надградување на нашата средина како дел од единственото наследство што му го подаруваме на нашиот град и нашата држава – опстојување во универзумот на творештвото, културата и духовното просветлување кое сега го споделуваме и со нашите пријатели и соработници од Канада. Сите заедно ја продолжуваме потрагата во изнаоѓањето на патот кој го пробива уметноста низ кој се зачувани и низ кој сеуште се создаваат знаците, симболите и метафорите од кои е создадена нашата човечка вселена.

    Д-р Лили Бошевска

    Директор

    Културен и информативен центар Битола

    Ми се наметна едно љубопитно прашање во врска со собирањето на група канадски уметници, од целата земја, да бидат дел од изложба на размена со уметници од Македонија: дали во групирањето на современата графичка уметност од двете земји може да се идентификуваат посебни колективни идентитети кои произлегуваат од која било група?

    Оваа изложба е можност за дијалог и дебата на оваа тема. Од поканетите канаѓани сакав пресек кој би имал далекусежен преглед со застапеноста од сите делови на Канада: поморските острови, централно населена Канада, Канада што зборува француски, западот и крајбрежните провинции. Покрај ограничувањето да се вклучи само мала група уметници, која во никој случај не значи целосна застапеност на мултикултурниот мозаик од кој се состои културата и географијата на Канада, сепак поканетите ќе обезбедат поглед во неколку од заедниците до кои дојдовме, а се познати како Канаѓани. Бидејќи единствениот обединувачки фактор на гледање на уметниците низ оваа поделба, е тоа што сите тие, работејќи и живеејќи на големи растојанија еден од друг, низ различни пејзажи, ја дефинираат огромната географија на Канада. Мојата претпоставка е дека иако растојанието создава речиси Дарвинова еволуција низ времето и просторот – тие уникатни разлики се всушност она врз што е изградена нашата земја, со влијанија кои продолжуваат да прокламираат постојано преобразувачко чувство низ кое што земјата се гледа себеси. Уметниците кои ја претставуваат Канада работат во различни графички медиуми, вклучително и рачно исечен релјеф, литографија и сериграфија базирана на фотографии, инсталација на 3D печатење, концепти базирани на текст, дигитална високо- технолошка (high-tech) технологија на мастило и огромен број хибридни комбинации (понекогаш вклучувајќи аудио и светло – проектирана слика).

    Брајар Крег користи стратегија со која вклучува текст како тема, но често намерно дозволува грешки како референци за тоа како го толкуваме значењето, човечката грешка или како го користиме јазикот како погрешен механизам за меѓусебна комуникација во оваа повеќејазична земја.

    Бони Бакстер црпи од нејзината семејна историја како наратив, или зема идентитет како дел човек – дел животно, или поканува на читање на нејзиното тело како личен дневник на тетоважи што ги мапираат нејзините искуства како изложени ранливости или силни страни, психолошки…

    Гери Хушлак е пионер во првите редови на дигиталните апликации за апстрактно сликање, почнувајќи од инк-џет плотерите пред да дојде технологијата на персоналните компјутери. Тој продолжува да истражува и експериментира со симетрични слики што алудираат на алгоритми за вештачка интелигенција со математичка прецизност.

    Жо Ан Ланвил се документира со комбинации базирани на фотографии и рачно ковани комбинации кои вклучуваат и соработки со други, откривајќи сложен дует помеѓу имиграцијата, самосвест и прифаќање на разликите како сврзувачки нишки во нејзината работа.

    Либи Хаг ги работи двете страни на равенката: од една страна со нејзините рачно исечени релјефни фигуративни отпечатоци кои се користат за да се изгради простор сличен на приказната во тек, каде што гледачот е поканет да ги пополни деловите што недостасуваат. Додека од друга страна таа експериментира со движење на слики од виртуелната реалност од кои нејзините 2Д фигури изгледаат како да зачекоруваат во 3Д просторот пред вашите очи.

    Марк Бови е фасциниран со илустрирани научни книги кои се печатени со цртање или литографски печатени страници од форми на морски живот – кои ги преклопува со потезот за цртање со влажна четка. Во ова тој создава мост помеѓу „тогаш и сега“: свесност за сопственото истражување и историските контексти.

    Шон Колфилд е слично заинтересиран за минатото, со адаптации на стари гравури од учебници по анатомија, но како ги интегрира органските толкувања за тоа што ќе биде иднината, со неговите еруптирачки садови, додатоци слични на растенијата, проблематичните обесшумени пејзажи или темните претскажувачки неба… зборува со предупредување за нашето човечко влијание врз животната средина.

    Гај Лангевин постојано се навраќа на голото човечко тело како метафоричен терен, а начинот на кој ја набљудуваме оваа тема често е нешто што треба да се преиспита со неговото сечење и вниманието одблиску на површината, кожата, сенката и масата. Извивањата и вртежите што ги правaт неговите фигуративни постури потсетуваат на балетското движење.

    Моите дела за овој проект произлегуваат од серијалот со наслов: ДОПИР. Гестот на раката е исто толку специфичен за индивидуалниот идентитет како и отпечатокот од прст. И така, моите линиски впечатоци овде се раскажување приказни, поканување интимност, одбивање, мавтање, покажување или потпишување… како гестови на екстремитетите поврзани со јазикот.

    Заедно, разликите во медиумите, сликите, темите и методите ја повикуваат публиката да го разгледа канадскиот идентитет како матрица на впечатоци за нас самите, и како ние ги гледаме нашите дела како рефлексивни согледувања што ги прават нашите разлики нешто што потекнува од истото место.

    Дерек Мајкл Бесант

    Куратор на селекција од канадските уметници

    Битола е центар на графичкото творештво, не само во Македонија, туку и многу пошироко. Ова констатација е фактографија, која не е поврзана со некаков општествен-политички едикт, туку е во директна временска корелација со цивилизациските универзални наслаги кои оваа „мала“ средина ја сместуваат во големите вонвременски пространства од исклучително значење за човековиот досегашен опстанок.

    Овој град е центар на Пелагонискиот регион, а Пелагонија е еден од најзначајните центри на единствената „спасоносна“ оптимистичка европска култура, сместена во праисторијата – Виничката култура, која е од пред 8000 години. На неколку километри од овој град постојано се откриваат енормно голем број на артефакти од овој период и речиси сите содржат траги од: линии, цртежи, вдлабнатини, релјефи односно ликовни интервенции кои не биле декоративни туку симболични, ритуални, обредни комуникации помеѓу човекот и небото, помеѓу човекот и љубовта, смртта, духовноста… Во таа насока, пронајдени се и првите керамички матрици – односно првите графички плочи во Европа, плочи со геометриски спиритуални вдлабнатини преку кои врз меката глина се втиснувале магиските цртежи, односно се мултиплицирал мотивот кој што е апсолутен графички принцип. Битола е дел од културолошките географски басени каде што е создадена глаголицата, а подоцна и кирилицата, едно од најстарите писма во Европа. Писмо кое покрај латинскиот, старогрчиот и хебрејскиот било единственото со кое на старословенски била преведена и исто така „мултиплицирана“ библијата. Писмото односно азбуката не е само јазичен моментум, туку најпрво графички симболизам со целосно ликовно значење. На два километри од градот е откриен еден од најголемите ранохристијански мозаици, во кој за прв пат визуелно и графички се толкува целата космогонија на Универзумот толкувана според тогашниот светоглед. Јаков од Камена река, во доцниот среден век, ја поврзува Битола со првите печатници во Венеција, носејќи јана таков начин Гутенберговата графичка галаксија и во овој дел од Европа…

    Триесетгодишното постоење на Меѓународното графичко триенале во Битола, најголема и најзначајна ликовна и графичка манифестација во овој балкански регион, досега донесе графички писма од над 5000 автори од целиот свет. Оваа манифестација е во постојана комуникација со ликовното творештво на над 160 држави. Од оваа година се проширува и со Меѓународното биенале на минијатурна графика и цртеж, сѐ со цел, да се создаде еден нов вид александриска библиотека на графичките листови, или да се остави еден од можеби сѐ поретките вистински влогови во сѐ понеизвесната човечка иднина, а сѐ поизвесната човечка роботизираност.

    Сиот овој воведен увертуриум е еден вид интонација во толкувањето и откривањето на творештвото на изборот на графичарите од Македонија, кои се само еден од сегментите на широкиот и бројниот авторски графички придонес кој што ова средина го има во еден поголем временски и естетско –ликовен квантум.

    Трајче Блажевски, графичар со огромен графички опус. Неговите графички албуми се исполнети со линогравурно откопување на фосилните остатоци од трагите на глаголичните писма пишувани со еден филозофски хоризонт во кој што перспективата е растеглива категорија во која микро и макро вселенските сенки се заменети со единствената слика на човекот во која е содржано сѐ. Неговиот циклус на проскомидијски печати го содржат графичкиот отпечаток што овој цикличен круг се втиснува врз лебот како симбол на животот од прапочетокот до денес.

    Ивана Настески постојано ја пребарува врховната божица на човештвото – Magna mater, обликувајќи специфични кружни, цилиндрични, спиритуални графички форми низ кои се чувствува постојаниот ритам на срцето како единствена верна музика која во утробата на оваа сѐмајка е плод на човештвото сѐ уште духовно и прочистено неродено. Нејзината „праисториска“ асоцијативност е во духот на колективното несвесно, со пројунговски контекст.

    Сергеј Андреевски, создава без прекин, огромна енциклопедија на сите медитерански лета, во кои постојано еруптира бојата на сонцето растворена и процедена од виножитниот заштитен лак помеѓу топлото море и балканските планини, како небесна порта која упорно го чува детството на човештвото: искрено, природно, девствено, радосно, игриво. Неговиот автентичен експресионизам е химничен и безграничен.

    Славица Јанешлиева, патува низ стиловите од нарација со поетска асоцијативност до минимализам преку кои ги одсликува четирите елементи на постоењето, создавањето, опстојувањето. Нејзиниот графизам е нежен, суптилен и носталгично загледан во минатото како единствен вреден и скапоцен влог за иднината во која се помалку ќе има место за поетиката. Таа е хроничар на времето кое не минува затоа што не постои туку се создава само тогаш кога творецот и авторот го сонуваат единствениот и заеднички сон.

    Ладислав Цветковски, создава директно, без никаква прагматичност, во една ирационална креативна импулсивност. Неговите графички листови се збирки на симболи и знаци низ кои се преплетуваат сите сончеви елементи на „фолклорните“ траги, низ праисторискиот геометриски кубизам, низ астралните дешифрирања на распоредот на sвездите и човечката судбина. Неговата смела „плакатност“ е во функција на директност на пораката наспроти испразнетоста на визуелната баналност.

    Светлана Јакимовска Родиќ, применува своевиден графички симфонизам, движејќи се од елементарниот отпечаток на линорезот до „монументални“ графички инсталации. Таа воспоставува одредена аналогија без непотребна хронологија од графизмот оставен во пештерите до осаменоста и напуштеноста на денешните простори во кои наместо праисторискиот плен е пленот на човештвото заробен во сопствениот апсурд на „напредокот“. Нејзината сложена ликовна симболика обединува и синтетизира повеќе „временски“ светови, пронаоѓајќи го заедничкото ткиво кое е постојано: тагата, стравот, осаменоста, недоразбирањето. Нејзините графички проекти се своевидни гравури во кои метафизички предупредува на сѐ повеќе залутаната и изгубена човечка суштина.

    Мирослава Цветковиќ се надоврзува врз искуствата и пораките од македонската графичка оркестрираност, инсистирајќи на елементарниот и директен графички идентитет. Нејзиниот ликовен принцип е непосреден, прочистен, исконски. Нијансите во изразот секогаш се поврзани со трагите односно белезите кои ги оставаме, траги на сегашното постоење, како трагите на првата рака која останува како прв човечки втиснат отпечаток, графички обележан врз карпите. Нејзиниот каменит релјеф е секогаш препокриван со нежни минливи проблесоци потрајни од сите острици на сурово -брзата минливост.

    Атанас Ботев е автентичен, директен, апсолутен графичар. Неговото целосно отсуство на било каква комформистичка автоцензура е вовед кон еден ликовен, графички, творечки есеистички мисловен свет, без директна аналогија или компаративистика. Циничен, дадаистички ироничен, саркастичен, надреалистички кошмарен, ги преиспитува сите „вредности“ на западната цивилизација, со одреден песимизам, без никаква задршка, како и неверба во напредокот, онаков каков што стереотипно ни е сервиран. Чист во секоја мисла, искрен во секое дело, создава со мотив или „инспирација“ како совест, како грижа, како несогласување, како тивок бунт, како презаситеност од сѐ во кое сме заробени и уште повеќе ќе бидеме. Ботев веќе и не нѐ предупредува, иако во почетокот неговите визии беа пророчки, тој сега е директен сведок за последиците кои го камшикуваат најнедостоинствено нашиот живот, кои сѐ уште не се осмелуваме да ги почувствуваме или согледаме. Дали неговите алармантни предупредувања конечно ќе нѐ пробудат и ќе нѐ освестат?

    Владо Ѓорески

    Куратор на селекцијата на македонски уметници

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img