Во Полициска станица Гази Баба синоќа околу 23.00 часот е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените пред капијата одржуваат протест. Полициски службеници излегле на лице место, при што е констатирано дека околу 50 лица протестираат, потврдија за МИА од МВР во врска со протестот на вработени во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Исто така, на 09.07.2023 околу 01.30 часот е пријавено дека дел од вработените ги попречуваат влезот во претпријатието и останатите вработени во извршувањето на работните обврски. Од МВР информираат дека е известен јавен обвинител.
Инаку, вработените во ЈП „Комунална хигиена“ синоќа излегоа на протест со барања за повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа.
На протестот се појави директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева и побара работниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на работа. Таа им вети на вработените дека ќе добијат К 15, но нагласи дека мора да се почитуваат зкаоните.
Директорката Мазнева порача дека разговорите ќе продолжат од понеделник.
Вработените во „Комунална хигиена“ веќе неколку дена протестираат и бараат повисоки плати, подобри услови, исплата на К15 и враќање на отпуштените колеги од работа.