Матурантката од Меѓународното училиште НОВА, Адора Лимани, одамна посакувала да го продолжи своето образование на еден од водечките универзитети во САД – „Браун“. Искрено се надевала дека нејзиниот прв избор за факултет ќе биде и финален, но сепак планирала да се пријави на десет други универзитети од САД како резервна опција со оглед на огромната конкуренција во „Браун“. За среќа, можноста за рано аплицирање на „Браун“ ѝ овозможила да се пријави на овој универзитет уште во ноември 2022 година, за веќе следниот месец да ја добие најубавата вест – дека од следната академска година со целосна стипендија ќе студира на еден од најдобро рангираните универзитети во светот.
– Како водечки истражувачки универзит, „Браун“ се издвојува по настава насочена кон студентите и по репутацијата за создавање независни мислители, иновативни соработници и активни глобални граѓани вклучени во важни прашања за нивната околина и општество. Тука студентот е одговорен за сопственото образование и развивање персонализирана програма на студии, што особено ме привлече. Студентите се нарекуваат „архитекти на сопственото образование“ бидејќи универзитетот им дава слобода да слушаат предмети од широк опсег на можности пред да нурнат длабоко во нивната академска концентрација – истакнува Адора.
Омилени предмети на Адора се англискиот јазик и литература, економија, историја, теорија на знаење, па академското образование ќе го насочи кон студиите по политички науки и филозофија. Сепак, планира да слуша и предмети по креативно пишување и уметност бидејќи генерално ја привлекуваат предмети што ѝ дозволуваат да чита, размислува и пишува во одреден контекст. Интересот за политиката кај Адора постои од поодамна и е поттикнат од програмите за меѓународна матура (IB MYP и DP) во НОВА кои посебно ги нагласуваат критичкото размислување и аналитичките вештини. Кај оваа ученичка постои вистинска страст за учење и надвор од формалното образование, поради што таа е основач на првиот феминистички клуб во НОВА, член на Сојузот на средношколци, како и автор на текстови за локални и училишни списанија.
Глобалната политика и филозофијата отсекогаш ја интересирале Адора, но таа истакнува дека нејзина крајна цел е правото, кон кое планира да се насочи по дипломирањето.
– Политичките науки бараат способност за анализа на политиките, институциите и динамиката на моќта, додека филозофијата бара внимателна евалуација на аргументите. Овие вештини ги стекнав од многуте предмети за време на средното образование, како и од трите летни програми кои ги следев во САД за време на втора и трета година. На пример, во една од летните школи, пишував независен истражувачки труд каде што открив како теоретските концепти во политичките науки се претвораат во правни рамки. Исто така, моето активно учество во дебатирање на моделот ОН ми помогна да развијам страст за јавно говорење и аргументирање, што уште повеќе ми ја поттикна желбата да студирам во оваа област – раскажува Адора.
Процесот на аплицирање на универзитетите во САД е прилично долг и тежок. Но, искуствата на Адора од летните програми, како и помошта од академскиот советник во НОВА задолжен да ги подготвува и да им помага на учениците во процесот на аплицирање, ѝ помогнале успешно да го комплетира процесот. Основни барања за прием се одличен успех и добри резултати на САТ и ТОЕФЛ тестовите, а кандидатите треба да се меѓу најдобрите во својата генерација и да имаат најмалку просечен успех од 3,94 на скала од 4,0. Сепак, Адора потенцира дека при оценката на апликациите не се земаат предвид само академските резултати, туку и вложувањето на учениците во воннаставни активности кои се многу важни. Оваа година, стапката на прием на „Браун“, кој е познат како исклучително селективен универзитет, изнесувала 5%, односно од 100 пријавени кандидати биле примени само пет.
– Исто така и тежината на академските предмети од средното училиште е многу важна, затоа што се цени квалитетот пред квантитетот. Браун бара кандидати кои посетувале попредизвикувачки предмети и се истакнуваат вонакадемски сѐ до последната година од средното образование. Да се биде академски одличен не е доволно за прием во овој универзитет и треба да докажете дека сте над тоа. Јас успеав бидејќи мојата апликација беше сеопфатна и во неа успеав на креативен начин да ги вметнам сите овие делови – објаснува Адора.
Таа додава дека наставната програма во НОВА и посветените наставници кои ѝ ги поттикнале интелектуалната љубопитност и критичкото размислување, ја охрабриле да си постави високи цели и да се стреми кон остварување на амбициозни постигнувања. Од непроценливо значење била и помошта од академскиот советник во НОВА кој ја водел низ различни фази од процесот на запишување, почнувајќи од истражување на различни универзитети, разбирање на барањата за прием и подготовка на материјалите за апликација.
Адора вели дека голем предизвик ќе ѝ биде културното и академското прилагодување на новата средина, како и градењето социјална мрежа. Но, истовремено се радува и што ќе се соочи со разновидна и инклузивна заедница во универзитетот која ја сочинуваат студенти од 90 земји од светот, академска извонредност на предметите и професорите, можност за глобално ангажирање преку различни програми, енергичен студентски живот и низа услуги за поддршка кои ги нуди „Браун“.
Идната студентка има големи планови за иднината, кои вклучуваат продолжување со креативното и истражувачкото пишување, како и издавање поетски книги и истражувачки статии во академски списанија.
– Пишувањето е моќен медиум кој има способност да расветли важни општествени прашања и да дејствува како катализатор за промени во општеството. Преку моите издадени трудови би сакала не само да ја подигнам свеста на општеството за многу табу теми кај нас, туку и да оспорам некои норми кои му штетат на општеството, но и да се залагам за човекови права и вклученост. Моите планови се големи и сакам да помогнам за создавање подобар, поправеден и попросперитетен свет за сите нас – истакнува Адора.
По завршувањето на правните судии, таа сонува да стане обвинител на Меѓународниот кривичен суд, каде може директно да придонесе за поправедно општество.
– Се надевам дека ќе ги користам алатките што Браун ќе ми ги обезбеди за да развијам разбирање за правните теории и нивните интердисциплинарни врски со политичките теории како и јавните политики. Исто така, се надевам дека отворената природа на програмата ќе го продлабочи моето знаење и ќе ми помогне во развивањето на вештините неопходни за да ѝ служам на мојата заедница во иднина – завршува Адора.