Масовни протести во Грузија, властите се закануваат со апсење на демонстрантите
Неколку илјади Грузијци синоќа повторно протестираа во главниот град Тбилиси против воведувањето на законот за странско влијание, кој денеска за последен пат пред гласањето ќе го разгледува парламентот. Властите се заканија дека ќе ги уапсат оние кои се обидоа да го блокираат парламентот.
Протестите во Грузија траат од почетокот на април, кога владејачката партија „Грузиски сон“ поднесе предлог-закон за странско влијание во собраниската процедура, чија цел е невладините и медиумските организации и индивидуалните новинари кои добиваат средства од странство.
Демонстрантите, во кои доминираат млади луѓе, во неделата вечер повторно се собраа пред парламентот во Тбилиси. Некои најавија и дека таму ќе преноќат. Според нивната проценка, законот е средство за политичка репресија и спротивен на долгогодишната цел на Грузија за влез во ЕУ.
Претседателката на кавкаската земја Саломе Зурабишвили, која најави дека можеби ќе стави вето на законот, ги повика демонстрантите да избегнуваат провокации. Властите, сепак, се заканија дека ќе ги уапсат оние кои се обидоа да го блокираат парламентот.
Партијата Грузиски сон тврди дека законот сака да обезбеди поголема транспарентност во финансирањето на невладините организации од странство. Третото и последно читање на законот ќе се одржи денеска во парламентот, а гласањето е закажано за вторник, соопшти претседателот на парламентот Шалва Папуашвили.