Нема да има никаква смисла ниту цел одржување референдум, кога без разлика на исходот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не планира да гласа. Само еден референдум има смисла – дали сте за членство во ЕУ или не, сите други прашања се заобиколување на единственото вистинско прашање, вели вицепремиерот за европски парашања Бојан Маричиќ.
– Прашањето за референдум е навистина сериозно и жалам што ВМРО-ДПМНЕ на таков начин го отвори, не е тоа соочување на власта и опозицијата, туку едноставно зошто би биле ставени граѓаните во таква ситуација. Да се потсетиме прашањето кое што го предлага ВМРО-ДПМНЕ за референдумот е врзано за Договорот од 2017 со Бугарија, за кој што исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст, а имаше можност да гласа против. Тие ниту тогаш 2017, ниту сега за францускиот предлог не гласаа против, туку ја напуштија салата на чинот на гласањето – рече Маричиќ во гостувањето на Топ Тема на Телма ТВ.
Вицепремиерот за европски прашања смета дека ова е политичка игра или желба како опозицијата да излезе од оваа ситуација во која што самите се наоѓаат, повикувајќи се на фактот што со години во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која влијаеше и СДСМ да ја смени програмата, беше ставено, дека кое било решение со Грција треба да се најде на референдум пред граѓаните и кога дојде времето за референдум 2018 година, ВМРО-ДПМНЕ реши да го бојкотира.
– Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ беше против францускиот предлог и против Договорот со Бугарија ќе гласа против за ратификацијата или сега зошто, пет години подоцна се отвора прашањато за референдум за Бугарија зошто не се отвори прашањето за референдум за Преспанскиот кога веќе го отвараат за Договорот со Бугарија – истакна Маричиќ.
Тој рече дека се јасни условите под кои ќе влеземе во Унијата, тие се веќе поставени во Преговарачката рамка и смета дека ако се прави референдум прашањето треба да биде вистинското, не дали сте за поништување на договорот, туку дали сте за членство во Европската Унија.
Никому во Владата, вели, не му било драго или пак го правел со задоволство компромисот кој беше направен со Бугарија.
– Но мора да се водиме од државните интереси, од државнички пориви и желба да се однесе државата напред. Два ни се интересите: да си го зачуваме идентитот и јазикот и второто е да станеме членка на Европската Унија – тврди Маричиќ.
Според вицепремирот, вистинското прашање на референдумот треба да биде „дали граѓаните се за членство во Европската Унија“. Бидејќи ние не ги поставуваме условите под кои ќе влеземе во ЕУ, тие се поставени на тој начин како што се, Преговарачката рамка е усвоена, смета Маричиќ.
– Само еден референдум има смисла: дали сте за членство во ЕУ или не. Сите други прашање се заобиколување на единственото вистинско прашање. Во договорот со Бугарија не се уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ на некој начин можеби и свесно ја двои агендата, на уставни измени со Договорот со Бугарија – вели Маричиќ.
Тој не сакаше да прецизира дали доколку бидат собрани 150 илјади потписи за распишување референдум, владејачката СДСМ ќе повика на бојкот или ќе учестува.
– Рано е да се каже. Сто пати да ме прашате, истиот одговор ќе ви го кажам. Мислам дека на оваа тема не треба да има референдум. Ако сакаме референдум, треба да биде на вистинското прашање: Дали сакате Северна Македонија да биде членка на ЕУ? Тоа е суштината на оваа дилема – порача Маричиќ.
Според него, најдобро за државата е да се фокусираме на заеднички утврдена агенда за реформи, заеднички со опозицијата, на заедничка работа на скринингот и на преговорите и сите отворени прашања да се дискутираат во Националниот совет за евроинтеграции, тело на кое, вели, треба да му дадеме нова сила и ново значење.