Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Брисел изјави дека ќе соработува со германскиот канцелар Шолц во изнаоѓањето решение за проблемите со цената на гасот во Европа, јави ДПА.
– Мислам дека не е добро ниту за Германија, ниту за Европа, доколку Германија се изолира – рече Макрон при неговото пристигнување на самитот на лидерите на ЕУ, нагласувајќи ја важноста од одржување на единството.
Германија е под силна критика од партнерите поради спротивставувањето на ограничувачките мерки за цената на гасот, како што бараа другите земји-членки на ЕУ, а Франција го поддржува таквиот потег, наведе германската агенција.
Макрон, исто така, денеска соопшти дека Франција, Шпанија и Португалија се договориле да изградат нов проект за гасовод меѓу неговата земја и Пиринејскиот полуостров, напуштајќи го спорниот гасовод MidCat.