Музичарот и продуцент и еден од највлијателните луѓе на 21. век во светот на шоубизот во САД, Шон Пи Диди Комбс веќе три недели е во притвор во Бруклин.
Раперот ќе биде обвинет за рекетирање, злоставување, обид за силување и силување како и за трговија со луѓе. Против него се подготвени да сведочат околу 120 луѓе, а ако биде прогласен за виновен му се заканува доживотен затвор.
Мајката на Диди, Џенис Смолс Комбс, како што се очекуваше минатиот викенд застана во негова одбрана.
„Ми се скрши срцето кога гледам како мојот син го судат, не поради вистината, туку поради приказна создадена од лага. Да сведочам на она што изгледа како јавен линч на мојот син, пред тој да има шанса да ја докаже својата невиност, е неподнослива болка што не може да се опише со зборови. Како и секој човек, мојот син заслужува да го каже својот збор и својот ден на суд, за конечно да ја сподели својата страна и да ја докаже својата невиност“, рекла таа „Пејџ сикс“ преку нејзиниот адвокат.
Џенис се осврна и на видеото во кое Диди физички ја напаѓа својата поранешна девојка Кеси Вентура.
„Не сум тука да го прикажувам мојот син како совршен, бидејќи тој тоа не е. Правеше грешки во минатото, сите сме правеле. Мојот син можеби не бил сосема искрен во врска со одредени работи, како негирањето дека некогаш бил насилен кон поранешната девојка, иако хотелските камери го покажаа спротивното“, рекла таа, па открила што мисли дека е причината поради која Кеси и Шон се спогодиле еден ден откако таа поднесе тужба против него.
„Понекогаш, вистината и лагите стануваат толку тесно испреплетени што станува застрашувачки да се признае еден дел од приказната, особено кога таа вистина е надвор од нормата или е премногу комплицирана за да се верува. Поради тоа верувам дека правниот тим на мојот син одлучи да се нагоди наместо да се оспорува тужбата до крај, што резултираше со ефект на рикошет бидејќи федералната влада ја искористила оваа одлука против мојот син, толкувајќи ја како признавање на вината“, рече Џенис.
Кеси Вентура го обвини својот поранешен за силување, трговија со луѓе и физичко насилство.