Јазот меѓу Израел и САД од една страна и арапските држави и поголемиот дел од остатокот од светот од друга страна тешко би можел да биде поголем. Со дипломатска поддршка од САД, но и со се повеќе американска муниција што му се доставува на Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху јасно стави до знаење дека нема ништо од прекинот на огнот доколку сака да ја постигне својата главна цел – да ги спаси заложниците и можеби уште поважно, целосно уништување на Хамас, исламистичката организација која започна нова војна со бруталниот напад врз израелските цивили на 7 октомври.
Генералниот секретар на ОН и мировните преговарачи од Катар и Египет се огорчени, но инсистираат дека ќе продолжат да бараат начини да го намалат јазот меѓу двете страни и да најдат решение. И покрај нивната работа, речиси е сигурно дека, барем засега, нема да постигнат многу бидејќи ниту еден од главните протагонисти, односно ниту Израел ниту Хамас, не изгледаат премногу заинтересирани за прекин на огнот, наведува Скај њуз во анализа на ситуацијата.
Тоа би можело да се промени бидејќи борбите сега се интензивираат и додека двете страни губат луѓе, загубите на Хамас се значително поголеми. Имено, исламистите се понемоќни не само по бројност, туку и по вооруженост.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) сега се борат со непријателот лице в лице во Газа, а борбата се шири во нови области. Сликите и снимките на социјалните мрежи од градот Кан Јунис покажуваат празни улици низ кои одекнуваат звуци на тешки улични борби.
На луѓето им беше кажано да го евакуираат центарот, кој досега беше поштеден од уништување какво што беше забележано во северниот град Газа. И Хамас и израелската армија потврдуваат дека се водат урбани борби, улица по улица.
Но, најголемата грижа на меѓународната заедница не е кој ќе победи, туку што се случува со цивилното население – посчува Скај њуз.
Луѓето во Појасот Газа сега живеат покрај патишта, во близина на болници, главно секаде каде што мислат дека е безбедно, во импровизирани пластични шатори. Многумина мислат дека едноставно е премногу опасно да се биде внатре во зградите.
Тимот на Скај њуз во Газа разговараше со Хасан ал Ајаџам, кој живее на улица со уште 21 член од неговото потесно семејство. Тие се евакуирани од градот Газа и сега се во централниот дел на Појасот.
– Не можеме да најдеме ни соба, а камоли куќа, дури и во училиштата кои сега служат како засолништа, нема места. Живееме на улица затоа што немаме каде да одиме и не знаеме каде да одиме. Децата не знаат ништо и не гледаат ништо освен ужас. Нивната состојба е толку екстремна што за нив веќе не постои живот – во очај вели Хасан ал Ајџам, кој заедно со 21 член од неговото семејство живеат на улица откако биле евакуирани од градот Газа.
Тој во изјавата за британската телевизија вели дека луѓето единствено што сакаат е да има мир и да се вратат во своите домови.
– Најважно е примирјето. Тоа е она што го сакаме во моментов, сакаме да се вратиме во нашите домови – вели Ал Ајџам.
Низ Газа, неколкуте болници кои едвај функционираат се преполни. Некои од нив имаат поставено шатори надвор за да се справат со големиот бропј на ранети кои постојано пристигнуваат.
На луѓето во Газа им е преку глава од зголемениот број на жртви, недостатокот на помош и постојаните борби. Некои го обвинуваат самиот Јахја Синвар, лидерот на Хамас.
-Уморни сме, доста е, не можеме повеќе да дишеме!Какво решение? Само откажете се и предадете се! Ова е чин на идиот! Тој го жртвува сопствениот народ – Синвар го уби својот народ! – извикува еден човек пред камерата на Скај њуз во Газа.
Условите во Газа која е под постојани израелски напади, од ден во ден стануваат се понеподносливи, а помош тешко стигнува до населението погодено од војната. Агенциите за помош велат дека целото нивно работење е во застој и дека мрежата за помош се распаѓа. И ако тоа се случи, тогаш жителите на Газа нема да имаат апсолутно ништо.