Германската економија нема да може да ја избегне рецесијата оваа година, но по два последователни квартали на пад, ќе почне да закрепнува напролет, процени во средата економскиот институт Ifo.Во првиот квартал германскиот бруто домашен производ (БДП) ќе се намали за 0,2 отсто во однос на претходниот квартал, прогнозира институтот Ifo.
Тоа би бил втор квартал по ред во кој економијата се намалува, што обично се нарекува техничка рецесија, бидејќи веќе се намали за 0,4 отсто во четвртиот квартал од 2022 година во споредба со претходните три месеци.
Институтот Ifo предвидува дека економската активност речиси ќе стагнира во 2023 година, со благ пад на активноста од 0,1 отсто.
За споредба, германската влада очекува благ раст на БДП оваа година, од 0,2 отсто.
Германскиот економски институт IfW во средата ја зголеми прогнозата за раст за 2023 година од 0,3 отсто на 0,5 отсто, велејќи дека олеснувањето на тесните грла треба да го поддржи нагорниот тренд.
Двата институти предвидуваат закрепнување во 2024 година, при што Ifo предвидува раст од 1,7 отсто, а IfW од 1,4 отсто.
Очекуваат и силен раст на цените и оваа година. Според нивните прогнози, инфлацијата треба да се намали во 2024 година.
Ифо очекува инфлацијата оваа година да се спушти на 6,2 отсто, од минатогодишните 6,9 отсто, и силно да ослаби во 2024 година, на 2,2 отсто.
ИФВ прави слична проценка, прогнозирајќи раст на потрошувачките цени за оваа година за 5,4 отсто и за 2,1 отсто во 2024 година.
„Инфлацијата го достигна својот врв“, рече економскиот истражувач на Ifo, Тимо Волмершаусер, наведувајќи го падот на цените на енергијата и олеснувањето на тесните грла во синџирот на снабдување меѓу причините за неговото слабеење.
Во ifo, пак, предупредуваат дека „високата инфлација го намалува расположливиот доход на домаќинствата и доведува до намалена потрошувачка од граѓаните во тековната година“.
Нè очекува „забележлива загуба на куповната моќ“ од 1,8 отсто, велат од институтот.