Лорна Бич-Матура, поранешна колешка на градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, го обвини за сексуален напад во 1993 година додека двајцата работеле во полиција.
Во тужбата поднесена пред судот во Њујорк, Бич-Матура тврди дека Адамс сексуално ја малтретирал во неговиот автомобил паркиран крај реката Хадсон, откако ѝ понудил превоз до дома за да разговараат за нејзините проблеми на работа, пишува Ројтерс.
Нападот се случил додека таа и Адамс работеле во полицискиот оддел во Њујорк во 1993 година. Според Бич-Матура, Адамс ѝ рекол дека ќе разговара со неа за унапредување и ја зел во својот автомобил по завршувањето на смената, но наместо да ја вози директно до нејзиниот дом во Кони Ајленд, тој застанал блиску до реката Хадсон и побарал од неа орален секс во замена за унапредување.
Бич-Матура понатаму тврди дека откако го одбила, Адамс „насилно ја повлекол“ нејзината рака кон неговото меѓуножје и мастурбирал.
Ерик наводно подоцна го искористил своето влијание за да ја деградира и „да ѝ се одмазди бидејќи го одбила неговиот обид за секс“.
Адамс претходно ги негираше тврдењата на Бич-Матура, кога таа поднесе жалба до Врховниот суд на државата Њујорк во ноември.
– Тоа апсолутно не се случи. Не се сеќавам дека некогаш сум ја сретнал оваа личност и никогаш не би повредил никого до тој степен – рече тој.
Поранешната колешка бара отштета од најмалку 5 милиони долари.