Народниот правобранител и кандидат за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери, се поднови со нов автомобил од американскиот бренд „jeep compass“, за кој се потрошени 2,4 милиони денари, или близу 40.000 евра пари на граѓаните, соопшти партијата Левица.
– Новото возило може да ги задоволи и најпребирливите вкусови и во него има вградено радио со екран на допир, предупредување за замор кај возач, адаптивен темпомат, препознавање на сообраќајни знаци и слично – велат од партијата.
Според податоците на партијата, досега, во возниот парк на оваа државна институција беа застапени возилата од марките „фолксваген“, „шкода“ и „пежо“.
– За функционирање на возниот парк во просек годишно се трошат над 40.000 евра за гориво, осигурување на патници, резервни делови, поправки, технички прегледи и слично. Колку ли сега оваа луксузирање дополнително ќе ги чини граѓаните? Незадоволството на граѓаните од ден на ден расте, додека кадровските решенија на ДУИ ја руинираат секоја институција со која раководат. Покрај луксузирањето и трошење на народни пари во непродуктивните трошоци, граѓаните се незадоволни и од нетранспарентното и селективно постапување на Зибери! – додаваат од партијата.
Левиза му замерува на народниот правобранител дека наместо да застане во заштита на сите граѓани и нивните права, наместо да укаже на потенцијална корупција која е на штета на граѓаните, станал дел од лошата практика.
-Ваквото недомаќинско и неодговорно однесување на штета на граѓаните е целосно неоправдано. Институцијата Народен правобранител треба да биде пример на одговорно, транспарентно и отчетно работење во интерес на граѓаните. – веат од Левица.