Двајца американски астронаути кои летаа на осумдневна мисија во јуни би можеле да останат на Меѓународната вселенска станица до следната година доколку нивното летало Боинг Старлајнер не може да се поправи за да се вратат дома, соопшти НАСА.
Астронаутите Буч Вилмор и Сани Вилијамс, кои беа првичниот екипаж на Старлајнер, би можеле да се вратат на бродот „Crew Dragon“ на „SpaceX“ во февруари 2025 година, доколку нивното летало сè уште се смета за небезбедено, изјавија претставници на американската агенција во средата.
Со „SpaceX“ било разговарано за потенцијалните планови за да се остават празни две седишта на претстојното лансирање на „Crew Dragon“, кое беше одложено за еден месец во вторникот додека НАСА и Боинг работат на тоа како да ги вратат астронаутите дома.
Пробната мисија на астронаутите на 5 јуни, која првично се очекуваше да трае околу осум дена на станицата, беше продолжена поради проблеми со погонскиот систем на Старланјер што сè повеќе ја доведуваше во прашање способноста на леталото безбедно да ги врати на Земјата.
Портпаролот на Боинг рече дека доколку НАСА одлучи да ја промени мисијата на Старлајнер, компанијата „ќе ги преземе неопходните активности за да го конфигурира леталото за враќање без екипаж“.
Користењето на вселенското летало „SpaceX“ за враќање на астронаутите, кое Боинг планираше да го врати на Старлајнер, би било голем удар за воздушниот гигант, кој со години се обидува да му парира на „Crew Dragon“, пишува Гардијан.
Старлајнер е прикачен на Меѓународната вселенска станица (ISS) 63 од максималните 90 дена во кои може да престојува, и е паркиран на истиот „док“ што „Crew Dragon“ ќе треба да го користи за да го транспортира следниот екипаж астронаути.
„SpaceX“ првично го закажа лансирањето на капсулата „Crew-9“ за средината на август. НАСА сега вели дека мисијата ќе биде лансирана по 24 септември.
Боинг во јули соопшти дека по ригорозните тестови на земјата, инженерите идентификувале проблеми со Старлајнер, вклучувајќи ненадеен дефект на погонскиот систем и истекување на хелиум. Во соопштението од 2 август, компанијата рече дека „довербата во враќањето на Старлајнер со екипаж останува висока“.
Неодамнешните извештаи сугерираат дека има повеќе конфликт зад сцената меѓу лидерите на НАСА и Боинг. Некои претставници на вселенската агенција, наводно, се сомневале дали Старланјер треба да ги врати Вилијамс и Вилмор.
Состанокот оваа недела на Програмата за комерцијален екипаж на НАСА, која го надгледува Старлајнер, заврши со тоа што некои официјални лица не се согласуваат со планот да се прифатат податоците за тестирање на Боинг и да се користи Старлајнер за да се вратат астронаутите дома, изјавија официјални лица за време на прес-конференција во средата.
– Не гласавме на начин што ќе доведе до заклучок – рече шефот на оваа програма Стив Стич.
– Слушнавме од многу луѓе кои беа загрижени, а одлуката не беше јасна – додаде Кен Бауерсок, шеф за вселенски операции.
Боинг се обидува да ја зачува нарушената репутација
Главниот извршен директор на Боинг не беше на конференцијата во средата, а експертите изјавија за Гардијан дека не е невообичаено или неочекувано експерименталните вселенски летови да предизвикаат проблеми.
– Тоа е дефинирано како пробна мисија, се нарекува пробен лет со екипаж и една од неговите задачи е да се справи со непланирани проблеми – рече Џери Стоун, виш соработник во Институтот за вселенски студии и автор на „Еден мал чекор“.
Сепак, влогот е голем за Боинг, кој во последниве години се мачеше со оштетување на својот углед во медиумите поради проблеми со своите авиони.
На последната прес-конференција на компанијата Старлајнер, Марк Напи, програмски менаџер за комерцијалниот тим на Боинг, рече дека жали што толку многу нагласил за осумдневната мисија.
– Жал ми е што не рековме само дека ќе останеме таму додека не завршиме се што сакаме да направиме – рече Напи.
Досегашните тестови на Боинг покажаа дека четири од млазните мотори на Старлајнер откажале во јуни затоа што се прегреале и автоматски се исклучиле, додека другите потисници кои се рестартирале за време на тестовите имале послабо од нормалното поради некакво ограничување на горивото.