Косовскиот премиер Албин Курти ја оцени како „наивна и бескорисна“ реакцијата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен за ситуацијата на северот на Косово. Во изјава за „Гардијан“ Курти го изрази своето незадоволство од изјавата на Блинкен, кој оценил дека одлуката за употреба на сила за влез во општинските згради на северот е донесена „против советите“ на САД и европските партнери и дека „тензиите ескалираа на непотребен начин“.
Изјавата на Блинкен Курти ја нарече „омекнување“ кон српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Мислам дека тоа не само што е неправедно, погрешно и навредливо, туку во исто време е и многу наивно. Можеби секретарот Блинкен ќе го објасни ова дополнително еден ден, но дефинитивно не беше корисно – рече Курти.
Тој откри дека разговарал со американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и дека Ескобар притоа побарал од косовските власти да ги преместат градоначалниците во други објекти или да работат од дома, но Курти тоа го одбил.
– Не можеме да имаме зум-градоначалници, ние сме демократска република. Демократската република не може да се предаде на фашистичка милиција – додал тој.
Курти изјавил и дека е „среќа“ што вчера ниту еден припадник на КФОР не го загубил животот.
Освен острите изјави на Блинкен, откажувањето на учеството на големите воени вежби на НАТО е првата последица што ќе ја почувствува владата на Курти поради акциите на северот на Косово.
– За Косово, овие вежби се завршени – изјави американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер, наведувајќи дека владата во Приштина ги игнорирала американските повици за деескалација на ситуацијата во општините на северот на Косово.
Според Ховениер, Вашингтон испратил силна порака до владата на Курти веднаш по почетокот на акцијата на северот, предупредувајќи дека таквиот потег ќе има негативен ефект врз угледот на Приштина и ќе го уназади дијалогот со Белград. Американскиот амбасадор вели дека од владата на Курти е побарано да ги повлече специјалните сили од северот на Косово, како и да не инсистира градоначалниците да ја вршат својата работа од општинските згради.
– Не разбираме зошто алтернативните локации не можат да се користат за извршување на функциите – изјави Ховениер, додавајќи дека Вашингтон смета дека „насилниот упад и присуството на косовската полиција во зградите е провокација“.
Ховениер, истовремено, предупредил на дополнителни последици од ваквиот пристап на косовските власти.
Како што неофицијално пренесуваат српски медиуми, САД препорачале на своите претставници да се возджат од средби со косовски претставници и посети на Приштина, како и паузирање на дипломатските активности за признавање на независноста на Косово од трети земји.
Повеќе од 30 мировници на НАТО беа повредени во судирите во понеделникот, поради што воената алијанса објави дека ќе испрати уште 700 војници на Косово.
Насилството на северот започна во петокот, кога албанските градоначалници на општините со српско мнозинство влегоа во општинските згради со помош на полициските сили.