Русија би можела да се обиде уште една голема офанзива на почетокот на следната година, веројатно на крајот на јануари или почетокот на февруари. Ова го обзнани шефот на украинското Министерство за надворешни работи, Дмитро Кулеба, во видеобраќање од состанокот на Советот за безбедност на ОН, пренесува Њузвик.
– Мислам дека руската способност да започне голема офанзива веројатно ќе биде обновена некаде кон крајот на јануари или февруари – рече Кулеба.
– Но, тоа е она што тие се обидуваат да го направат и она што ние се обидуваме да го спречиме – додава министерот.
– Не велам дека тоа дефинитивно ќе се случи. Но, во најдоброто сценарио, земајќи ја предвид мобилизацијата, регрутирањето што го најавија, обуката на новите регрути и движењето на нивното тешко оружје низ земјата, јасно е дека тие се надеваат дека ќе можат да ја пробијат нашата одбрана и да напредуваат подлабоко во Украина.
И покрај ова застрашувачко предвидување, Кулеба истакна дека тој исто така верува дека ваквиот нов обид за офанзива од страна на Русија ќе пропадне и вети дека Украина прави сè што може за да се подготви за тоа.
Кулеба, исто така, рече дека Украина работи на тоа што поскоро да ја заврши борбата со Русија. Иако министерот не можеше да обезбеди дефинитивен временски рок, тој додаде дека крај на инвазијата до летото би било идеално сценарио.
Доколку Русија почне нова офанзива кон февруари тоа би било токму на една година од почетокот на војната лани, на 24 февруари.