Премиерот Димитар Ковачевски, по завршувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, кој под покровителство на Европската Унија, се одржа вчера во Охрид, им честита на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и посака напредок на сите граѓани на Србија и Косово на патот кон ЕУ.
– Ја поздравувам согласноста постигната денес за имплементација на Договорот за патоказот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој ќе биде интегрален и обврзувачки дел на европскиот пат на двете страни. Сметам дека денешната согласност за имплементацијата на Анексот на Договорот, вклучително и согласноста за целосна имплементација на обврските од претходните договори од Дијалогот е значајно постигнување. Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес на зa целиот Западен Балкан кон ЕУ.
Горд сум и среќен што во името на нашите граѓани, со мојот тим бев домаќин на овој важен преговоравачки процес под покровителство на Европската унија, а со поддршка на Соединетите Американски Држави, со кој се потврди мојата лична заложба дека Западниот Балкан припаѓа во Европската Унија. Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и да им посакам напредок и успех на сите граѓани на Србија и Косово на нивниот пат кон ЕУ – изјави Ковачевски.