Посетата на шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најавена за крајот на месецов е во рамки на редовната комуникација помеѓу ЕК и нашата држава и никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Еден од претседателите во опозицијата кажа дека очекувал некој тортура да му прави, гледате дека ниту некому му се случи тортура, ниту некому му се правеше притисок. Северна Македонија нормално функционира, нормално се одвиваат демократските процеси и мислам дека така и ќе продолжи со тоа што ние треба да ги исполниме нашите обврски коишто се однесуваат на преговарачката рамка и да продолжиме со европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ – посочи премиерот Ковачевски на новинарско прашање по посетата на фабриката за производство на сувомеснати производи „Мис Глобус ДОО“ во Скопје.
Тој за посетата на Фон дер Лајен која ја најави вчера за крајот на месецов, рече дека се очекува да биде потврдена како и датумот на посетата.
– Штом ќе биде финализирана (подготовката за) посетата, тогаш таа ќе биде и најавена од страна Европската делегација и од страна на македонската Влада – рече премиерот Ковачевски.
Ковачевски вчера во изјава за медиумите по посета нa компанијата „Вива“, ја најави посетата на претседателката на EK, Фон дер Лајен, на Северна Македонија до крајот на месецов, и посочи дека и францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес, исто така изразил желба да ја посети земјава.
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со платите на функционерите, повтори дека „треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого“.
Кога ќе биде подготвено решението за платите од страна на Работната група, тогаш, рече, ќе може да се разговара за конкретно решение кое ќе треба да биде прифатено од пратениците и сите други избрани и именувани функционери.
Ковачевски не верува, како што напомена, во луѓе што работат без плата.
– Ви кажав дека има Работна група што работи и треба да ги има сите аспекти на располагање, бидејќи тука се работи за два закона по кои се регулираат платите на функционерите. Едниот е Законот за именувани и избрани функционери со кој се регулираат платите на претседателот на државата, претседателот на Собранието, на членовите на Владата, на сите градоначалници, на сите судии, обвинители…, а другиот е Законот за пратеници во кој се регулирани платите на пратениците. Прво, треба да се дојде до решение кое ќе направи фер вреднување на работата на секого. Тоа е едната опција, а другата опција е да се оди во сосема спротивен правец и да се прави популистичко решение од какви што две популистички решенија двете паднаа на Уставен суд. Едното беше кога беа замрзнати платите на функционерите и кога секретарка во АЕК имаше поголема плата од пример министер за финансии или од претседател на држава или од претседател на Влада. Другото решение беше кога се отиде исто така во уште една крајност, а тоа е кога се кажа функционерите ќе земаат минимална плата, а Уставниот суд исто така го поништи, бидејќи во државата постои систем на плати што не може да биде дерогиран. Гледам различни изјави, видов и министерот Османи што кажа и јас се согласувам со министерот Османи, бидејќи луѓето работат за плата. Има некои што кажуваат дека би работеле без плата, јас во човек што работи без плата не верувам. Имам 25-годишно работно искуство и не верувам во луѓе што се подготвени да работат без плата – истакна Ковачевски.