Досегашниот премиер Димитар Ковачевски денеска ќе му ја предаде функцијата на претседателот на преодната, техничка Влада, Талат Џафери, која во наредните 100 дена ќе раководи со државата.
Оваа преодна Влада вчера беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање, додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Тнр. Пржинска влада треба да организира и да гарантира фер и демократски избори. Единаесеттите парламентарни избори во земјава ќе се одржат на 8 мај, а седмите претседателски избори на 24 април. До формирањето на нова Влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка влада на чело со премиерот Талат Џафери.
Во Владата денеска е предвидено свечено примопредавање на функцијата меѓу Ковачевски и Џафери, по што е планирано тие да одржат кратка средба.
Примопредавања на функциите денеска треба да има и во сите министерства и кабинети на Владата.