Израел подготвува ребаланс на буџетот бидејќи актуелниот не може да ги покрие дополнителните трошоци поради војната во Газа. Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич соопшти дека буџетот на земјата за 2023-2024 година „повеќе не е соодветен“ поради конфликтот и дека ќе биде променет, пренесоа британските медиуми.
Според Смотрич, дневните трошоци за војната на Израел во Газа изнесуваат една милијарда шекели (246 милиони долари), не вклучувајќи ги индиректните штети поврзани со забавувањето на економската активност и деловната парализа поради мобилизацијата на стотици илјади резервисти и секојдневното гранатирање.
Израелскиот министер за финансии посочи дека намалувањето на кредитниот рејтинг на земјата од страна на агенцијата Стандард и Пурс (Standard & Poor’s) од „стабилен“ на „негативен“ нема да има значително влијание. Смотрич, сепак, изјави дека тоа треба да се земе предвид и додаде дека не очекува земјата да акумулира голем дефицит поради војната.
Тој го пофали гувернерот на израелската централна банка, Амир Јарон, кој требаше да се повлече, но поради кризата го продолжи својот мандат „за колку што е потребно“.
Конфликтот во Израел изби по изненадниот напад на Хамас на 7 октомври и досега однесе илјадници жртви на двете страни, уништени јавни и станбени објекти и огромна материјална штета.