Дали дел од Скопје зимава ќе остане без парно или со млаки радијатори, ако не се постават цевките од топловодот на опожарениот мост „Беласица“? Од ЕСМ која управува со скопското парно и треба да ги постави цевките на мостот велат дека немаат дозвола за тоа, но тврдат дека грејната сезона ќе почне навреме бидејќи делот од топловодот на мостот не е причина за одлагање на почетокот на грејната сезона.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски втор пат годинава изјави дека граѓаните ќе бидат соочени со високи сметки за парно, ако не се поврзе топловодот од топланата „Исток“ со оној од топланата „Запад“ кој минува преку мостот „Беласица“. Тоа е важно бидејќи топлинската енергија произведена од ТЕ-ТО е 3 пати поевтина од другата.
Експерти и познавачи на состојбите, пак, велат дека е можно дел од општина Аеродром и населбата Лисиче зимава да останат без парно или со млаки радијатори, ако не се инсталира овој дел од топловодот на мостот „Беласица“. Така граѓаните ќе го платат цехот од караницата меѓу Градот и ЕСМ.
Од државната ЕСМ која управува со скопското парно уверуваат дека тие се подготвени да ги постават цевките, но процесот е во застој бидејќи немаат дозвола од Град Скопје за да ја почнат постапката.
– АД ЕСМ е подготвен, по добиена дозвола од Градот Скопје, да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“ и ќе вложи максимални напори нивната монтажа да се заврши во најкраток можен рок. ЕСМ во изминатиот период во целост го заврши отстранувањето на опожарениот топловод на мостот „Беласица“, како и сите подготвителни активности за поставување нови топловодни цевки кои се веќе пренесени на локацијата – велат од ЕСМ.
Оттаму убедуваат и дека нема причина за одлагање на стартот на грејната сезона.
– Опожарувањето на мостот не е причина за одложување на стартот на следната грејна сезона, која почнува во октомври 2023, и сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија – велат од ЕСМ.
Но, тие не одговорија како планираат да го решат проблемот со Градот Скопје околу санацијата на мостот и поставувањето на топловодните цевки. Нема одговор ниту од Град Скопје за причините поради кои не дава дозвола за поставување на тополоводот.
Проблемот со поставување на топловодните цевки на мостот Беласица настана по извештајот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени во кој беше посочено дека прво треба да се отстранат опожарените цевки, да се санира мостот, па дури потоа да се постават новите цевки.
– Потребна е санација на плочата над примарните цевки за парно со торкретирање за да се врати заштитниот слој од бетон кој ја штити ребрастата арматура од корозија. Потребно е и да се врати паднатиот бетон на некои површини од долната плоча и вертикалните ребра на сандачестите носачи. За да може да се спроведе санацијата на мостот неопходно е да се извадат цевките за парно кои се наоѓаат под мостот – појасни професорот Михаел Гаревски од овој Институт.
Градот смета дека санацијата на тој дел од мостот треба да ја заврши ЕСМ, а компанијата смета дека тоа треба да го заврши Градот.
Од поставувањето на топловодните цевки на мостот ќе зависи дали топлината од ТЕ-ТО ќе може да се пренесе на другата страна од мостот што според првиот човек на РКЕ Бислимоски, ќе ја определи и евентуалната нова цена на парното.
– Доколку не работи ТЕ-ТО ќе ни се случи ценовна катастрофа со топлинската енергија во Скопје – рече Бислимоски.
Тој пред два дена изјави дека токму овој дел од топловодот е важен бидејќи низ него минува топлината од ТЕ-ТО која има 3 пати пониска цена од другата топлана.
Производителот на енергија ТЕ-ТО е важен бидејќи обезбедува 60 отсто од топлинската енергија, додека 40 отсто е од топланите во Скопје.
Бислимовски изјави и дека очекува решение на проблемот меѓу ЕСМ и Градот.
– Во Град Скопје и ЕСМ има разумни луѓе и сметам дека ќе се договорат – рече Бислимоски додавајќи дека проблемот со дозволата за поставување на цевките ќе се реши.
Тој информира дека скопјани до решавање на проблемот ќе плаќаат ланска цена на парното.
Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ вели дека ако не се постави цевководот на мостот „Беласица“ и ако не се направат нови станици во кои водата од топланата „Запад“ дополнително ќе се загрева, Аеродром и Лисиче можат да останат со ладни радијатори или со млаки радијатори, а на грбот на граѓаните ќе се истури обврската да ја платат штетата направена на мостот по пожарот.
– Во услови кога нема да има поврзување на мрежата на топланите „Исток“ и „Запад“ кое е главно преку овој мост, ќе треба топлинска енергија да обезбеди топланата „Запад“ за Аеродром и за Лисиче. ЕСМ ќе треба да изгради дополнителни места за загревање на водата, што всушност и не е направено а знаеме дека наскоро почнува грејната сезона. За оваа инвестиција, не само што се потребни пари, потребно е и време. Дополнително, ако ЕСМ се одлучи поврзувањето на мрежата да го направи преку новиот мост пак ќе бидат потребни 1 до 2 месеца и инвестиција што верувам дека ќе ја платат граѓаните. Тоа досега ЕСМ не го направи и се чини нема намера да го направи до грејната сезона – вели Ненов.
Тој смета дека Градот е во парво, ако бара од ЕСМ да гарантираат дека добро ќе го изолираат топловодот за да не дојде до нова хаварија на мостот.
– Топловодот досега не беше добро изолиран. Наместо со внатрешна изолација беше изолиран надворешно со пурпен пена. За добра санација на топловодната мрежа на мостот е потребна и добра огноотпорна изолација како камена волна која е отпорна на високи температури, а не како што беше досега со пурпен пена која е подложна на горење што всушност беше и причина за овој пожар. Во услови кога ЕСМ нема план Б за решавање на проблемот и кога главниот виновник за пожарот БЕГ, не ја плати цената за санацијата бидејќи постави небезбедна изолација на топловодот, тогаш на граѓаните не им останува ништо туку да побрзаат да се снабдат со инвертери како втора можност за затоплување, а на Регулаторната комисија за енергетика ѝ останува само да ги поедностави и поевтини условите за откажување од парно. Во спротивно граѓаните ќе ја платат цената на сето тоа преку повисока цена на парното која веќе и се најавува – вели Ненов.
Скопското парно го користат 64.000 домаќинства.