Патниците во авионот „Ембраер Легаси“, кој се урна во Тверската област во Русија, биле поврзани со приватната воена компанија Вагнер, пишува московскиот весник „Известија“ откако Руската Федерална агенција за воздушен транспорт ги објави имињата на патниците.
Во авионот што се движел од Москва за Санкт Петербург имало десет лица, седум патници и тројца членови на екипажот, јави претходно агенцијата ТАСС.
Освен Пригожин, во авионот бил и Дмитриј Уткин, неговата десна рака, потврди Росавијација.
Дмитриј Уткин е оперативен командант на Вагнер групата, за кој се вели дека е коосновач на организацијата. Бил висок офицер во руската армија, добил неколку Ордени за храброст и бил во редовната армија до 2013 година. Исто така, се претпоставува дека единицата го добила името по неговиот код или „повик“ име што го имал во руската армија – Вагнер. Тој важеше за голем руски националист, за кој се шпекулираше дека има нацистички тетоважи на телото.
На списокот на патници беа: Евгениј Пригожин, Сергеј Пропустин, Евгениј Макаријан, Александар Тотмин, Валери Чекалов, Дмитриј Уткин, Николај Матусеев.
Валериј Чекалов е сопственик на фирмата „Евро полис“ и соработник на Пригожин, пишува весникот „Известија“.
Сергеј Пропустин бил член на Вагнер, а тоа за весникот го потврдила и неговата братучетка Анастасија Пропустина.
Врски со Вагнер имале и Јевгениј Макарјан и Александар Тотмин, кои се на списокот на патници, а некаде пишува дека се вработени во компанијата Вагнер.
Тотмин, познат и како Тот, редовно се фалеше со својот луксузен живот на Инстаграм.
Алексеј Левшин, Рустам Каримов беа пилот и копилот, а Кристина Распопова беше стјуардеса.
Групацијата Vagner е основана во 2014 година. Нејзината примарна задача беше да ги поддржи украинските сепаратисти во Украина, како и да се бори за интересите на Русија и нејзините сојузници низ Африка и Блискиот Исток. Таа, исто така, учествуваше во сириската граѓанска војна на страната на претседателот Башар ал Асад.