Три лица загинаа во Тоскана во налетот на невремето „Киран“, кое донесе обилни дождови и бурни ветрови.
Во градот Монтемурло, недалеку од Фиренца, во својата куќа се удави маж (85), а почина и жена (84).
Трето лице е убиено во Росињано, јавуваат италијанските медиуми.
„Она што се случи синоќа во Тоскана се нарекуваат климатски промени“, изјави гувернерот Еугенио Џани, кој прогласи вонредна состојба.
Железничкиот сообраќај е сериозно прекинат, илјадници луѓе се без струја, а училиштата ќе останат затворени во руралните области најтешко погодени од лошите временски услови. Три болници во регионот беа поплавени.
Пожарникарите соопштија дека имале десетици интервенции околу Фиренца, Пистоја, Пиза и Прато за да ги спасат возачите заглавени во возилата во поплавените тунели или поради паднати дрвја.
Градоначалникот на Прата, Матео Бифони, изјави дека размерите на штетите се огромни.
„Ситуацијата во Фиренца е критична“, предупреди градоначалникот Дарио Нардела. Врвот на надојдениот бран денеска во попладневните часови треба да ја помине реката Арно.
Во спасувачките операции учествуваат неколку илјади припадници на цивилната заштита, особено пожарникари и карабинери, со засилување од соседните региони за транспорт на машини за чистење и за евакуација на загрозените.
Дождот утринава престана, а некаде помалку паѓа водата почна да се повлекува, но до 18 часот е во сила портокаловото предупредување за врнежи и силен ветер.
Невремето го зафати и Венето, на североисток, каде две лица се водат како исчезнати, јавуваат локалните медиуми.