More

    Километар на патот Кичево-Охрид чини рекордни 9 милиони евра

    spot_img

    Зголемување на вредноста на изградбата на патиштата, пролонгирање на роковите за нивно завршување, како и пуштање во употреба без технички прием е само дел од она што го констатира Државниот ревизор во извештајот од ревизијата на  финансиските извештаи на ЈП Државни патишта.

    Ревизорите утврдиле дека најголемиот дел од парите со кои располага јавното претпријатие Државни патишта или 46% од нив се трошат за подготовка на проектите, но токму пропустите во подготовката на проектите предизвикуваат пролонгирање на роковите и зголемување на вредноста на патиштата што се градат. Ревизорите утврдиле дека во текот на изградбата на патиштата имало од една до 42 промени на она што било првично проектирано, што условило пролонгирање на рокот на завршување од 8 месеци до 6 години и зголемување на вредноста на патот дури и за 45%.

    Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот од 6 години и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид. Овој пат е и најдолг 56,7 километри.

    „Заклучно со декември 2022 година за овој пат се потрошени 512 милиони евра, а изградбата на 1 км од оваа патна делница, до крајот на 2022 година чинела 9 милиони евра. До ноември 2023 година инвестираните средства достигнале износ од приближно 575 милиони евра“, се наведува во извештајот на ревизорите.

    За овој патен правец Државни патишта се задолжиле и со дополнителен заем од 180 милиони долари, а вредноста на договорот се зголемила за 45% и достигнала износ од 684,7 милиони долари.

    Проектот е почнат да се гради во мај 2014 година, а во јануари истата година е склучен и договор за кредит од НР Кина во износ од 505 милиони долари. Во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

    Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.

    „Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно-правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите)“, велат од ДЗР.

    Оттаму додаваат и дека до денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потребата од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.

    Од другите автопати кои се градат, втор по должина е патот Ранковце – Крива Паланка, кој е долг 25,5 километри, а за него се инвестирани 45 милиони евра.

    По цената на чинење на 1 км од 5,9 милиони евра втор е автопатот Скопје – Блаце. Најниска цена на чинење има регионалниот пат, делница Извор – Гарски мост (патен правец Дебар – Кичево), чија должина е 19 км, при што за изградба на 1 км од делницата се инвестирани 489.000 евра.

    Ревизорите утврдиле дека 21 проект е завршен и пуштен во употреба без да се изврши технички прием за што причина биле имотно-правни предмети. Голем дел од овие проекти не се предадени на општините и за нив не се пресметува амортизација иако од нив се прибираат пари.

    ДЗР констатирал и дека уплатените средства на сметката на ЈП за државни патишта по основ на надоместок за патната такса од регистрација на моторни возила, нецелосно се трансферираат до општините. Имајќи го предвид вкупниот приход по овој основ во периодот 2016 – 2022 година, ревизорите утврдиле дека за 63% помалку се распределени средства по општините, односно не се распределени приближно 58 милиони евра.

    Со извршената ревизија е утврдено дека електронскиот систем за наплата на патарините е функционален во текот на цела година кај 7 наплатни станици, во последните 6 месеци од 2022 година уште кај 2 наплатни станици, а 5 наплатни станици немаат воспоставена електронска наплата на патарина. При тоа со анализа е констатирано дека во просек само 13% од вкупно остварените приходи од патарини во 2022 година се со примена на електронска наплата преку користење на смарт картица и уред М – таг. Најголема примена на системот е забележана кај наплатната станица Гевгелија од 29%, додека најмала е примената кај наплатната станица Преод од 13%.

    Ревизорите констатирале  низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img