Американскиот весник „Њујорк тајмс“ пишува дека во Киев почнале подготовките за „целосна евакуација“ на жителите на украинската престолнина во рок од 12 часа.
„Официјални лица во главниот град на Украина велат дека почнале да планираат некогаш незамислива можност: целосно затемнување што ќе бара евакуација на три милиони жители на градот“, тврди весникот.
Градот со три милиони жители, наводно веќе има цел план за оваа опција. Околу 40 отсто од енергетската инфраструктура веќе е оштетена или уништена во руските бомбардирања.
Во обид да спречи целосно затемнување, украинската национална енергетска компанија „Укренерго“ вчера објави дека ќе продолжи да ја ограничува електричната енергија во седум региони, пишува весникот.
– Можеме да го изгубиме нашиот систем за снабдување со електрична енергија – изјави за „Њујорк Тајмс“ Роман Ткачук, директор на одделот за безбедност на градската управа во Киев.
Според весникот, властите во Киев ќе бидат известени 12 часа пред системот да престане да работи. Ткачук наведува дека, доколку тоа се случи, „ќе почнеме да ги информираме луѓето и да ги замолиме да си заминат“.
Денеска е 256-от ден од почетокот на војната на Русија во Украина.