More

    Ќе плаќаме ли двојно повисока цена на струјата од 1 Јули?

    spot_img

    Владата наместо да ги крати субвенциите за струја и да ги плаши граѓаните со високи сметки за струја, треба да ги засука ракавите и да почне да гради енергетски капацитети со сопствени сили, за да не се доведеме во ситуација како држава да не знаеме каква цена на струјата ќе имаме во иднина, велат поранешни раководители во ЕСМ и енергетичари по најавата дека владата планира од 1 јули да ги укине субвенциите за струјата што двојно ќе ја зголеми цената на струјата.

    Владата не појасни зошто од 1 јули ќе запре субвенционирањето на цената на струјата и каква цена ќе му испорача на ЕСМ за претстојниот тендер на универзалниот снабдувач за набавката на струја од јули до декември.

    Граѓаните се вознемирени од целата ситуација и нејаснотиите во однос на високите сметки кои почнаа да им стасуваат. Тие, како што велат, не можат на крај да излезат да ги платат сегашните сметки за струја кои се многу повисоки од претходно, уште помалку  да плаќаат драстично повисоки сметки, ако треба да ги плаќаат оние 84% од цената на ЕСМ кои сега ги субвенционира владата од државниот буџет.

    Кој ќе го плати недостигот од 84% пари во ЕСМ?

    – Првата сметка што ја добив годинава е повисока за околу 1.000 денари бидејќи потрошувачка имам во првиот и во вториот блок. Не се греам на струја. Можам да претпоставам колкави сметки ќе добијат граѓаните кои се греат на струја и не се во овие два блока и во кои блокови се нашле поради студените денови. Но, ме загрижува тоа што веќе од 1 јули се најавува ново поскапување на струјата како резултат на тоа дека државата нема да му дава пари на ЕСМ. Не знам дали ние ќе треба да ги плаќаме парите кои сега ги дава државата и колкав ќе биде износот што ќе се стави на нашиот грб – вели Ана З. од Скопје.

    Граѓаните не се сигурни и дали сегашните повисоки сметки за струја се резултат на новите цени или на тоа што владата и сега го намалила износот на субвенции од 91,5 на 84% како што вчера изјави вицепремиерот Фармир Битиќи.

    – Не знам дали новиот износ на сметката за декември е резултат на цената која важи од јануари или ја содржи разликата од 7,5% на поранешната и сегашната субвенција како што рече вицепремиерот Битиќи, но знам дека веќе не може да се издржи со ваквата цена на струјата. Ако во јули биде неколкукратно поскапа ќе треба да размислуваме да се иселуваме – вели Бранкица А.

    Пред два дена, вицепремиерот Битиќи изјави дека цената на електричната енергија на регулираниот пазар во овој момент е субвенционирана со 84% и субвенционирањето ќе продолжи до носењето на следната одлука за цената при крај на јуни годинава. Тој рече дека она што се прикажува како субвенција во сметките за струја е грешно и дека ЕВН во наредните сметки треба да го коригира.

    – ЕВН Хоум би требало да ја смени табелата на сметката која служи за илустрација. Ако не знаат тоа да го направат ќе им го направам јас. Треба да се смени процентот за да им се укаже на граѓаните колку е реалната субвенционирана електрична енергија. Тоа што беше 91 сега е 84% затоа што производната цена од ЕСМ е намалена од претходно затоа што не е само таа цената која влегува во параметрите за крајната цена што ја плаќаат потрошувачите – посочи Битиќи.

    Меѓутоа ниту тој вчера, ниту од владата и од ЕСМ денеска не кажаа кои се причините за запирањето на субвенционирањето на ЕСМ и каква цена на струјата очекуваат од 1 јули за граѓаните.

    Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика на последната прес-конференција не ја коментираше многу најавата на владата дека ќе ги запре субвенциите за цената на струјата на ЕСМ, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика не ја утврдува цената на струјата на ЕСМ, туку тоа го прави владата, но рече дека е добро што е стабилизирана цената на струјата на берзите, најавувајќи дека нема да има големо поместување на цената на струјата годинава.

    – Радува фактот што цената на струјата на регионалната берза последниве месеци е стабилизирана. Фјучерсите на струјата се со цена од 70 до 80 евра за мегаватчас. ЕСМ сега ја продава струјата на универзалниот снабдувач за 58 евра мегаватчас – рече тој.

    Каква цена ќе плаќаме зависи од цената на струјата што ќе ја понуди ЕСМ

    Каква цена ќе определи ЕСМ без субвенциите од владата ќе се види на тендерот за снабдување на новиот универзален снабдувач со струја на домаќинствата која ќе важи за периодот од 1 јули до 31 декември годинава. Од тоа ќе зависи и висината на цената на струјата што ќе ја плаќаме по јули годинава.

    Во крајната цена на струјата која ја утврдува Регулаторната комисија цената (од годинава универзалниот снабдувач со струја) ЕСМ учествува со повеќе од 34%. Во цената влегуваат уште 8 сегменти  и тоа Електродистрибуција на која ѝ отпаѓаат повеќе од 33%, потоа универзалниот снабдувач со 11,45% и МЕПСО со 4,12% удел. Во крајната цена со одреден процент влегуваат и маржата на енергетските компании, трошокот за обновливи извори, потоа тој за балансираната енергија и за увозот од слободен пазар. Регулаторната комисија во формирањето на цената на струјата влијае со 37%, а на над 63% нема влијание.

    Енергетичари и поранешни раководители во ЕСМ велат дека во вакви услови цената која ќе ја понуди ЕСМ ќе биде повисока од сегашната од 53 евра за мегаватчас, а тоа ќе влијае да се зголеми и крајната цена на струјата. Затоа апелираат државата да почне да гради енергетски капацитети, а да не стануваме многу зависни од приватниот сектор и увозот на струја.

    Енергетичари бараат да се градат енергетски капацитети за да не се субвенционира ЕСМ

    Маријан Ненов од невладиното здружение „Но пасаран“ вели дека владината најава за кратење на субвенциите за ЕСМ ќе биде негативна за граѓаните кои од јули, а посебно во зимските месеци ќе добиваат екстремно високи сметки за струја.

    – Ако се случи тоа запирање на субвенциите, ќе ги оптовари многу граѓаните кои и сега веќе се жалат од баснословни сметки иако имаат иста потрошувачка на струја како и минатите зими и не го промениле начинот на греење – вели тој.

    Единствен спас за граѓаните, вели тој, е ЕСМ да го замени производството на јаглен со гас и да запре состојбата во која поради политичките интереси на одделни партии во одделни приватни енергетски капацитети се обезвреднува оваа државна компанија.

    – Овие интереси во изминатите години доведоа да им се одземат клиентите на ЕСМ, а со поставувањето партиски раководители во компанијата се запре и инвестирањето во нови капацитети. Дел од старите капацитети, како што е термоелектраната во Железара се доведе во ситуација да не може да работи иако обезбедуваше и струја и топлина за дел од Скопје. Сега останува да се молиме изборите да се одложат за неколку месеци за да не се зголеми драстично цената на струјата од 1 јули – вели Ненов.

    Поранешниот раководител во ЕСМ Спиро Мавровски вели дека е апсурдно владата да дозволи да се укинат субвенциите пред да овозможи граѓаните да имаат втора опција за загревање и за намалување на потрошувачката на струја. Наместо ваква одлука, според него, владата треба да почне да гради државни енергетски капацитети.

    – Моето мислење за субвенциите е дека се само прелевање на парите на граѓаните од нив за нив односно од буџетот кој самите го полнат, за нивните сметки за струја. Сметам дека со укинување на субвенциите ќе се зголеми неколкукратно цената на струјата за граѓаните. Владата не обезбеди пристап на домаќинствата на друг начин на загревање – нема гас, ниту пак парно за сите граѓани, па најголемиот дел од нив се принудени да се загреваат на струја која сега ќе им биде многу скапа – вели Мавровски.

    Тој е загрижен што премалку се инвестира во државни енергетски објекти.

    – Кога ја имаме целата состојба на енергетските капацитети пред себе дека нема доволно јаглен, дека РЕК Битола како најголем капацитет и сега не работи од некои причини, кога гасот и гасните централи се само пуста желба, тогаш што може да се очекува во иднина? Само повисока цена на струјата бидејќи ќе бидеме свртени кон увоз – вели Мавровски.

    Тој апелира ЕСМ да почне да гради капацитети, а државата наместо да ангажира приватни фирми да градат енергетски капацитети во земјава да ја преземе одговорноста за инвестирање во државни капацитети.

    – Инаку тажна ни е судбината во иднина – вели тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img