Канаѓанец доби џекпот на „Лото Макс“ од 36,5 милиони американски долари, а добитниот тикет сосема случајно го купил во локален супермаркет.
Пјер Ричер од Монтреал дошол во продавницата со својата ќерка за да ѝ купи торта, а притоа за 10 долари купил и две лото ливчиња.
Ричер за добивката дознал еден ден по жрепката. Неговата ќерка врескала толку силно што тој помислел дека видела пајак, изјавил добитникот за весникот УС Тудеј.
И покрај неверојатните вести, тој останал релаксиран и продолжил со вообичаените активности во текот на денот.
Очигледно ненадејното богатство не го „зашеметило“ Канаѓанецот, бидејќи следниот ден, во понеделникот, се појавил на работа, нешто што многумина го сметаат за шокантно.
– Не можам да ги оставам. Без мене одделот за испорака нема да биде ист – изјавил Ричер, кој работи во угостителска компанија.
Сепак, вели дека 36,5 милиони долари суштински ќе го променат животот на членовите на неговото семејството.
Ричер открива дека веќе имаат планови со парите.
– Ќе купиме куќа, нов автомобил и ќе одиме на одмор. Во суштина, тоа е сѐ – рекол тој и нагласил дека ќе продолжи редовно да доаѓа на работа.
Продавницата која му го продаде добитното ливче ќе добие провизија од еден процент која изнесува 365.000 долари.