Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски очекува дека по изборот на политичка влада во Бугарија ќе одржи среба со бугарските политичари со цел да се најде решение за железничкото поврзување меѓу двете земји. Тој не очекува дека повиците од Бојко Борисов да поднесе оставка ќе влијаат на идниот дијалог околу изградбата на пругата.
– Треба да има таква средба. Добро е и за Бугарија да има средба, оти и за нив е добро да се поврземе. Во врска со повиците за моја оставка, јас му одговорив на Бојко Борисов, кажав што имам. Стојам зад секој збор што сум го кажал на тема односи помеѓу Македонија и Бугарија. За жал, 20 политичари на крајот од своите кариери и историчари кои не можат да направат никаква друга кариера освен на Македонија, ги уништуваат односите помеѓу два блиски народа како македонскиот и бугарскиот народ, што е трагедија за Бугарија – рече Николоски.
Тој додаде дека не сака, како што прават бугарските политичари и историчари, да кажува кој треба да ја води Бугарија.
– Но, можам да кажам дека е тажно тоа што го прават во односите меѓу Македонија и Бугарија. Подалечни не сме биле никогаш, што зборува многу за негативната енергија во нашите односи. Изградбата на пругата е сосема друга тема и доколку на другата страна има минимум одговорни луѓе, а сметам дека има, затоа што има повеќе од тие 20 луѓе во политичката и научната елита, ќе најдеме заедничко решение за да се поврземе со железница – рече вицепремиерот Николоски.