Каде ќе летуваат премиерот и министрите?

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Министрите од владата, заедно со премиерот, годинава ќе ги сведат нивните годишни одмори на 5 до 7 дена. Некои од нив за одмор ќе ги користат само викендите, а некои засега не планираат да ги напуштат своите канцеларии. Нема долги годишни одмори за владините министри, ниту пак далечни дестинации. Сите министри ќе останат во регионот ова лето.

Повеќемина членови на Владата дел од годишниот одмор веќе го користат. Заминале веднаш по чествувањето на празникот Илинден. Некои од министрите сѐ уште немаат одлучено каде и дали ќе одат на одмор, а други ќе одмораат во втората половина на месецов.

Иако неколкупати се обидовме преку владината прес-служба да добиеме одговор дали, кога и каде премиерот Димитар Ковачевски ќе оди на годишен одмор, оттаму ни кажаа дека сѐ уште немаат повратна информација од премиерот, но ветија дека ќе ја споделат со нас веднаш штом ќе ја добијат.

До објавувањето на текстот, и покрај тоа што го испративме истото прашање до сите министерства, одговори добивме од неколку. Еве што планираат некои министри за своите годишни одмори.

Од Министерството за финансии за Плусинфо велат дека министерот Фатмир Бесими во моментов не планира да користи одмор, освен викенд и неработни денови.

Министерот за образование Јетон Шаќири поради тековни работни обврски сѐ уште не одлучил како ќе го користи правото на годишен одмор. Доколку приликите дозволат, тој одморот ќе го искористи околу 15 август, некаде во регионот.

Од Министерството за одбрана нѐ информираа дека министерката Славјанка Петровска се очекува во следните неколку дена да замина на одмор во Црна Гора и таму ќе биде само 5 дена.

Поради влошената ситуацијата со ковид-19 во државата, министерот д-р Беким Сали сѐ уште нема одлучено дали ќе оди на годишен одмор. Како што е веќе познато, последните ковид-бројки покажуваат дека состојбата со коронавирусот во земјава станува посериозна, па така Македонија од зелената зона се префрли во портокалова.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, според информациите од неговиот кабинет, годишниот одмор ќе го користи во втората половина од овој месец. Како што нѐ информираа од кабинетот, министерот сѐ уште нема одлучено кога точно и каде ќе замине на одмор, но со сигурност тоа ќе биде надвор од нашата земја.

- Advertisement -
Ad image

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со сопругата во првата половина на август ќе искористи неколку дена за одмор во Хрватска и во Словенија.

Надвор од државава, заедно со своето семејство во првата половина од август неколку дена ќе искористи и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во моментот користи годишен одмор и се наоѓа надвор од земјава.

- Advertisement -
Ad image

Сѐ уште одговори не добивме каде ќе летуваат вицепремиерот Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за правда Никола Тупанечвски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во следните неколку дена заедно со семејството ќе одмора во Црна Гора, но не се знае каде ќе престојува.

Share This Article